Брет Кавана од Апелциониот суд во Вашингтон е номиниран за судија на Врховниот суд. Претседателот на САД Доналд Трамп го најави како брилијантен судија, со уникатен стил на пишување.
„Два пати сум соочен со оваа задача, која е најважна одлука за претседателот. Не прашувам за лични ставови и политички видувања, туку за владеење на правото и интерпретација на Уставот, каков што е напишан“, рече Трамп, образложувајќи го неговиот избор.
Тој нагласи дека се надева оти неговата номинација ќе биде потврдена во Сенатот со двопартиска поддршка.
Судијата Кавана, кој предава на универзитетите Јеил, Хардвард и Џорџтаун, изјави дека е сведок од прва рака, оти Трамп е претседател со големо почитување на судството.
„Ми претставува чест да го пополнам местото на судијата Кенеди. Секој судија мора да биде независен и да ги почитува Уставот и законите. Ќе имам отворен ум во секој случај“, рече тој, и најави дека од утре ќе почне да се среќава со сите сенатори поединечно, за да им каже дека верува во независно судство.
Неговата сопруга и двете ќерки беа веднаш до него, давајќи му поддршка за време на говорот. Тој се заблагодари и на неговите родители кои, исто така, беа присутни во Белата куќа.
Пред Трамп да ја објави номинацијата, протестанти за поддршка на правото на жената на абортусот, како и оние кои се против, се собраа пред Врховниот суд, за да го изразат нивното мислење.