И бебињата плаќаат за билет на Супербол

Илјада и осумстотини долари е цената што играч на Бронкос платил за билетот на неговата новородена ќерка

Ако мислите дека новороденото дете на американски фудбалер кој игра во Супербол може да оди на натпреварот бесплатно, не сте во право.

Играч на тимот Бронкос од Денвер, вели дека морал да плати 1.800 долари за билет за својата новородена ќерка.

„Не постои ограничување на возраста за билетите. Цената на билет за нашата ќерка која е стара една недела чини 1.800 долари“ изјави Колквит за весникот Денвер пост. „Таа нема да памети, но, јас ќе платам. Не е за парите, туку за медалот. И секако за сеќавањата што одат со тоа“ вели тој.

Американскиот фудбалер потрошил 27.000 долари за билети.

„Мојата сопруга дои и бебето има потреба од нејзе постојано, а таа сака да дојде, да го гледа натпреварот. Сакам целото семејство да биде присутно таму“ изјави Колквит за СИ-БИ-ЕС Спорт.

Цената од 1.800 долари што тој ја платил всушност е добра зделка, бидејќи најевтините билети кои можат да се купат, чинат над 3.000 долари за билет.

Тимот Бронкос од Денвер и Пантерс од Северна Каролина ќе се соочат на Супербол натпреварот во недела.