Познатиот термин во САД „Бруцош 15“, кој значи дека дека студентите во првата година на факултет добиваат седум килограми повеќе, станува мит отколку што е факт, откако нови истражувања покажуваат дека тие всушност се дебелеат помалку во споредба со порано.
Аманда Шлинк, нутриционистка на Американскиот Универзитет во Вашингтон, вели дека овој термин за бруцошите е повеќе урбана легенда отколку што ја отсликува реалноста.
„Не верувам дека `Бруцош 15` денес е ситуација каква што била порано. Фактот што се` помалку студенти се дебелеат е резултат веројатно на комбинацијата од здрава храна која се нуди на факултетите, како и свест за избор на тоа што се јаде“, вели Шлинк.
Според неа, разните вегетаријански опции и храна без глутен се` повеќе се достапни.
Повеќето места за брза храна нудат салати и зеленчуци како додаток на храната.
Студентите, исто така, се многу повеќе активни. Многу од нив пешачат или возат велосипед, на тој начин согорувајќи калории.
Повеќето факултети имаат и добро опремни сали за вежбање, а се фокусирани и кон ручек и ужинки кои содржат карбохидрати, протеини и здрави масти.
„Ако студентите бираат храна која ги содржи овие елементи ќе ја балансираат енергијата и телото ќе се одржува на здрав начин“, вели Шлинк.
Таа нагласува дека има студенти кои пријавуваат дека всушност губат килограми, што според неа е резултат на лошо менаџирање на времето и стресот.