Струјата од 1 јануари поскапува во просек за 0,92 проценти

Дваесетина денари поскапо за струја ќе плаќа семејство на кое сметката му изнесувала 2.300 денари. Регулаторната комисија ги соопшти новите цени на струјата кои ќе стапа на сила од 1 јануари. Поскапува и евтината струја за 0,9 проценти

СКОПЈЕ – Од први јануари граѓаните ќе плаќаат за нијанса повисоки сметки за струја која во просек ќе поскапи за помалку од еден процент, соопшти денес регулаторот Марко Бислимовски. Гледано по блокови поскапувањата на цените на струјата се движи од 0,62 до 2,24 проценти или во просек поскапувањето ќе изнесува 0,92 проценти. Евтината струја исто така ќе поскапи за минимални 0,9 проценти. Ќе поскапи за помалку од еден процент од први јануари идната година, соопшти денес регулаторот Марко Бислимовски.

Бислимовски соопшти дека универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на почетокот на месецот побарал зголемување на цената за 4,4 проценти.

Your browser doesn’t support HTML5

Бислимовски: Струјата поскапува во просек за 0,92 проценти

Ова ни е прва одлука во која што го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената
Марко Бислимовски

„Ова ни е прва одлука во која што го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум на 5 декември достави на контрола и разгледување одлука согласно барањето цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики – во однос на количини на енергија, во однос на трошоците за набавка во однос на трошокот за пренос на електрична енергија. Единствената разлика меѓу тоа што го одобривме и тоа што ЕВН го достави е факторот на корекција со која се обезбедува ценовна стабилност“, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Гледано по блокови во првиот блок поскапувањето е 0,62 проценти и киловат час сега ќе се наплаќа 6,58 денари, во вториот блок цената е повисока за 0,9 проценти и киловат час ќе се наплаќа 7,71 денар, во третиот блок поскапувањето изнесува 1,93 проценти и сега цената за киловат час е 9,57 денари додека во четвртиот блок поскапувањето изнесува 2,24 проценти а киловат час ќе се наплаќа по цена од 20,4 денари.

Евтината струја поскапува за 0,9 проценти и сега изнесува 4,12 денари за киловат час.

Регулаторната комисија минатиот месец ја намали цената на мрежарината што ја плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи за седум проценти и од 2,3 денари се намали на 2,14 денари а процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.