Во последните денови, стотици луѓе пристигнале надвор од овој камп во североисточна Сирија, со надеж дека ќе најдат засолниште и хуманитарна помош. Кампот, наречен Вашо Куни, е стар пет години, во кој се сместени семејствата раселени од борбите во 2019 година во Сирија.
Но, новодојдените се исто така воени бегалци, многумина повеќе од една деценија. Тие избегале од граѓанската војна во Сирија во Либан, а сега се вратиле, поради израелските напади врз земјата што ја прифатиле како нивна.
„Оставивме се`. Дојдовме само со облеката што ја носиме. Види, тие се нечисти. Два дена спиеме овде кај портата. На децата им треба тоалет, но нема“, вели Аиша Ахмед, бегалка.
Во североисточна Сирија, на повеќе од 600 километри од границата со Либан, властите велат дека немаат одредби да им помогнат на илјадниците бегалци кои влегуваат со автомобили, автобуси или пешки.
„Нашиот предизвик сега е што немаме помош од никого. Немаме простор за нив, немаме шатори да обезбедиме. Не сме подготвени за толку многу луѓе кои пристигнуваат“, вели Андулразак Мухамад, администратор на кампот.
Луѓето кои се обидувале да влезат во овој камп првично дошле од овој регион, но многумина велат дека немаат дом каде да се вратат.
„Кога започна [сириската] војна, беше лошо. Тука беше војската и Исламската држава, па ги зедов моите деца и заминав“, вели Хусеин Али, раселено лице.
Пред војната, вели Али, имал две куќи недалеку од овде, но и двете биле уништени. Други велат дека сегашните бомбашки напади во Либан се многу поопасни од бездомништвото и сиромаштијата со кои се соочуваат во Сирија.
„Нашиот сосед има фарма за кокошки. Му ја бомбардирале куќата, па тој влегол да ги спаси своите деца. Повторно удрија и се` што беше пронајдено [од неговото тело] беше дел од неговата рака“, додава Аиша.
Неодамна, израелски бомби повторно ја погодија Сирија, а државните медиуми објавија дека загинале седум цивили во напад врз станбена област во Дамаск.
Израелските власти изјавија за „Њујорк тајмс“ дека мета биле претставници на Хезболах, либанската милитантна група која војува со Израел.
Но, иако израелската борба во Либан можеби е со Хезболах, либанските власти велат дека таа веќе убила повеќе од 1.400 луѓе, а биле раселени 1,2 милиони.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека луѓето во Либан може да се соочат со „уништување и страдање како што гледаме во Газа“.
Официјални лица во североисточна Сирија велат дека веќе се преплавени од луѓе кои бегаат од Либан и без надворешна помош, велат тие, ќе има повеќе страдање во Сирија.