Обвинението против Роџер Стоун, долгогодишниот пријател на претседателот на САД Доналд Трамп покрена нови прашања за истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за мешањето на Русија во претседателските избори во 2016-та година.
Едно од тие прашања е дали обвинението против Стоун ќе ги донесе обвинителите на Мулер поблизу до суштината на истрагата, а тоа е дали имало некаква соработка меѓу кампањата на Трамп и Русија.
Разузнавачката заедница заклучи по изборите дека руски владини оперативци обезбедиле приватни електронски пораки од Хилари Клинтон и други демократи во 2016-та година, кои беа објавени на Викиликс.
Но, Мулер допрва треба да докаже дали Стоун или други соработници од кампањата на Трамп учествувале или помагале во кражбата на електронските пораки.
Другото прашање е дали обвинението претставува клучен момент во истрагата или е уште еден случај кога помошници на Трамп се фатени како лажат пред истражители или членови на Конгресот.
Стоун, обожавател на поранешниот претседател на САД Ричард Никсон и неформален советник на Трамп изминативе 40 години, се изјасни за невин по седум кривични основи.
Навидум, обвинението не укажува на каква било криминална соработка меѓу кампањата на Трамп и Русија.
Наместо тоа, го обвинува Стоун за давање погрешни изјави, за опструкција на легални процедури и влијание врз сведоци, што генерално е поврзано со конгресното сведочење на Стоун во 2017-та година за неговите контакти со Викиликс за време на кампањата во 2016-та.
Стоун не зборуваше многу при неговото појавување пред федерален судија во Вашингтон.
Но, по неговото апсење во Флорида изминатиов петок, Стоун даде повеќе телевизиски интервјуа, инсистирајќи дека нема направено ништо нелегално или невообичаено за ентузијастичен политички оперативец.
„Во тоа бев вмешан. Политика, а таа се` уште не е криминализирана, барем не досега“, рече тој во интервју за Еј-Би-Си.
Трамп негираше какво било знаење за електронските пораки на Викиликс.
Стоун рече дека за ова никогаш не разговарал со Трамп, ниту за време на кампањата ниту потоа.