Уметник изработува карикатури од камен

Your browser doesn’t support HTML5

Поранешен скулптор на Дизни маскоти изработува карикатури од камен, таканаречени Fuggly mugs, како декорација на шолји, шишиња и други садови

Никогаш немој да пиеш кафе сам! - Ова е мотото на уметникот Рубин Трејси од Вашингтон, поранешен скулптор на Дизни маскоти. Тој изработува карикатури од камен, таканаречени Fuggly mugs, како декорација на шолји, шишиња и други садови.

„Кога пиеш кафе од шолја со вакво лице - не си сам, имаш друштво. Fuggly mug има карактер. Можеш и да зборуваш со него. Ако слушаш внимателно ќе слушнеш што има да ти каже“, вели Трејси.

Тој рачно ги изработува камените карикатури. Постапката трае околу две седмици. На ваква идеја дошол по три децениско искуство како скулптор и карикатурист.

„Пред 35 години пристигнав во Вашингтон како карикатурист на United Press International. Работев и како графички дизајнер за американски владини агенции. За Дизни работев на повеќе маскоти за различни претстави, како што беше „Дизни на мраз“, вели уметникот.

Токму ваквите таленти биле подлога за да може да ги изработува овие минијатурни уметнички дела. Каде и да се појави со нив, тие привлекуваат внимание.

„Прв пат гледам вакво нешто. Супер се. Уникатни се“, вели Грејс Бил, која го посети штандот со камени скулптури.

„Од Атланта туристички дојдов во Вашингтон. Кога ги видов овие интересни шолји реков еве што ќе понесам дома. Ова не е карактеристично за Вашингтон, но многу е уметнички, креативно“, вели Брус Елиан, турист.

Во работата на уметникот помага и неговата сопруга Ејми.

„Горда сум што мојот сопруг е уметник и создава дела кои им се допаѓаат на луѓето и кои будат реакции кај нив“, вели Ејми Фернандез.

Рубен знае како да ги оживее Фагли Магс. Никој не останува рамнодушен на овие камени лица со насмевки. Уметникот ги изработува и според селфи фотографии, така што секој може да добие шолја со своето лице, но во комична форма.

„Неверојатно се забавни, смешни.. Секој може да го добие својот пар“, вели Тери Закер, која исто така го посети штандот.

Тука има садови за различни намени. Некои се наменети за цвеќе... Некои се за колачиња.

Во други пак можете да налеете виски или квалитетно македонско вино.

„На здравје Македонија“, порача уметникот.