Длабоко во старата Скопска чаршија, во една подзаборавена уличка сè уште одекнува звукот од чеканот врз вжештениот метал. Таму се наоѓа една од последните ковачки работилници, „Мотика“.
Таткото Ибрахим Зеќир и синот Нехад Зеќир, со здружени, но веќе крајни сили го одржуваат занаетот што се пренесувал од колено на колено.
Your browser doesn’t support HTML5
„Во занаетот сум веќе 60 години. Имам 72 години. Шеесет години го работам овој занает. Меѓутоа здравјето си го прави своето“, вели мајсторот Ибрахим.
Во минатото уличката била полна со занаетчии, а денес се останати само неколкумина. Синот Нехад е еден од ретките што сакал да го наследи занаетот. Денес има 48 години и сè уште е најмлад ковач во чаршијата.
„Поттик ми беше традицијата. Работеше прадедо ми, дедо ми, татко ми и јас можеби сум последна генерација. Љубовта за занаетот. Тоа ни беше. Завршив средно училиште, дедо ми тогаш се разболе и јас почнав со него да работам“, објаснува синот Нехад.
Некогаш изработувале бројни земјоделски алати. Но, денес, ситуацијата е сосема поразлична. Бројот на земјоделците се намалил, а со тоа и побарувачката за ковачкиот занает.
„Денес само преработка на материјали. На пример, ќе дојде секира да исклепаме. Но, да направиме секира, не се исплатува. Нема веќе репроматеријали. Отпадите продаваат само лим. Железа, челик, веќе нема. Да се купи, пак, материјалот, поскапо е и не ни се исплати да го правиме“, додава Нехад.
Во низата препреки пред занаетите се надоврзуваат и најновите поскапувања. Занаетчиите стравуваат за сопствената иднина.
„Веќе сме на изумирање. Почнавме да ги затвораме дуќаните. Во оваа улица бевме сè ковачи. Останав само јас. Тоа е поентата. Што ќе направат понатаму, само тие знаат“, загрижено објаснува Ибрахим.
Работилницата „Мотика“ е само дел од бројните стари, но и модерни занаети чие опстојување е неизвесно поради економската криза. Од Занаетчиската комора стравуваат за масовно затворање на малите работилници и дуќани.
„Уште сега се соочуваме со затворање на тие бизниси и со тешка економска криза. Ако владата не преземе итни мерки за помош на овие дејности и бизниси, мислам дека 50 отсто од овие дејности ќе бидат затворени до Нова година“, посочува Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на РСМ.
Сепак, сè појасно е дека најголемиот удар ќе дојде од поскапувањето на струјата.
„Сега немаме ни таква сила. Нема ни со кого. Плус струјата ни е како вршник, како капак“, укажува постариот ковач.
За да се ублажи состојбата , од Комората бараат нова тарифа за електрична енергија за занаетчиите. Сугерираат таа да биде во ценовен ранг меѓу индустријата и домаќинствата.
„Моментално плаќаат по 90.000 денари за објекти од 30 метри квадрати. Така, нема логична можност да опстојуваат на пазарот со ваква скапа електрична енергија“, вели Фазлији од Занаетчиската комора.
Барањата за овие олеснувања биле доставени до Владата. Одговор добивме од Министерството за економија. Од таму велат дека ќе ги разгледаат и анализираат тие иницијативи.
Пламенот во работилницата на таткото и синот Зеќир се разгорува и со електромотор што работи на струја. Останува прашањето до кога ќе бидат во можност да плаќаат за таа струја и да го одржуваат ковачкиот занает во живот.