Стив Бибевски, американски кардиохирург со македонско потекло деновиве повторно лета со авионот „Лирџет 35“.
„Лирџет 35 се смета за Ферари во овој ранг на авиони. Многу е брз. Буквално полетуваме за три минути“, вели детскиот кардиохирург во Болницата „Џо Димаџио“ на Флорида, Др.Бибевски.
Целта на ваквите летови сепак не е рекреативна.
Бибевски е еден од најпознатите американски кардиохирурзи за деца. Го запрашавме како пандемијата на коронавирусот се одрази на неговата работа.
„Што се однесува до трансплантациите работите станаа многу комплицирани. Вообичаено одиме во болницата на донаторот, лично го вадиме срцето и го носиме во нашата болница. Сакаме да ги имаме под контрола работите во текот на целиот процес за да бидеме сигурни дека органот е во добра состојба. Бидејќи многу патуваме, многу болници не сакаа персонал од други болници да влегува кај нив“, објаснува тој.
Но, деновиве со намалувањето на рестрикциите продолжуваат трансплантациите на срце. Трката со времето е дел од тој процес.
„Еднаш штом одлучиме дека органот е соодветен и сакаме да го земеме за нашиот пациент тогаш часовникот почнува да одбројува. Од моментот кога ќе го извадиме срцето од донаторот до моментот кога тоа ќе биде ставено во пациентот и ќе почне да чука... сакаме тоа време да биде пократко од шест часа. Понекогаш срцето е на 100 или 200 километри оддалеченост. Затоа транспортот се прави со приватен авион со кој располага нашата болница“, вели Бибевски.
И веста за првата трансплантација на срце во Македонија ја добил во авион.
„Ми беше драго да видам дека успешно е изведена првата трансплантација на срце, за која верувам дека е една од многу кои ќе следат. Со години соработувам со д-р Жан Митрев и истоимената клиника. Разменуваме искуства и многу се радувам што работите се движат напред.“
За Гласот на Америка на македонски, тој вели дека соработката со македонските хирурзи ќе продолжи со акцент на детската кардиохирургија.
Но, уште една работа го влече кон родните корени во Македонија, бидејќи иако е роден во Австралија, неговите родители потекнуваат од битолскиот крај.
„Природата во Македонија е зачудувачка. Тешко да најдеш поубава природа од таа во Македонија. Не да кажеме едно место е убаво, туку целата земја е таква, со планини, полиња... прекрасно е“, вели Бибевски.
Засега тој сепак останува во САД, иако државата од каде потекнува не ја заборава. Заедно со сопругата која е ветеринарен хирург, преку „Фондацијата Бибевски“финансирале акција за хуман третман на кучињата скитници во Пелагонскиот регион по пат на стерилизација, кастрација, чипирање и вакцинирање.