Поголеми ингеренции за претседателот при именување лица на клучни позиции во државата, развој на воената индустрија, останување на патот кон ЕУ, но без чекање до бесконечност, отворање врати за инвестиции и од арапските земји, од Русија, од Кина, како и задржување на блиските односи со САД како стратешки партнер, иако од неодамна се наоѓа на т.н. Црна листа на американскиот Стејт департмент поради сомневања за корупција и злоупотреба на службената положба.
Тоа се дел од ставовите и плановите на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, што ги искажа во разговор за Гласот на Америка. Во продолжение во текстуална форма пренесуваме дел од разговорот со Јакимовски, а кој во целост можете да го погледнете во прикаченото видео.
Глас на Америка: Зошто граѓаните да го дадат гласот за вас, по што сте различен од другите кандидати?
Затоа што сум поискусен во однос на другите, затоа што полесно разликувам битно од небитно. Затоа што многу лесно ги утврдувам вистинските приоритети, затоа што гледам тоа што на граѓаните им треба, затоа што во мојата животна и работна кариера имам многу резултати. Затоа што сум во зрели години, имам 64 години. Имам прекрасно семејство.
На мене веќе не ми треба ништо. Практично се борам да напишам историја и ништо повеќе од тоа.
Your browser doesn’t support HTML5
Глас на Америка: Не го потпишавте Кодексот за фер и демократски избори. Не се согласивте со сумата што се доделува за малите во однос на големите партии.
Не може така. Идејата за државно финансирање за медиумското презентирање на кандидатите за пратеници и претседатели е да се поттикне политичкиот плурализам. Идејата е да се поттикне и да се поддржи ако има нова идеја, нова програма, нова партија. Не е идејата да се финансира партијата што е на власт и да се финансира главната опозициска партија. Целосно наопаку е свртена целата таа работа.
Јас да сум претседател пет години и мене да ми следува милион и 650.000, а моите противкандидати да земаат по стотина илјади, самиот ќе речам тргнете дел од мене, не сакам нефер кампања. Нема витештво меѓу овие, да кажам, двајца претставници на големите партии.
Глас на Америка: Се залагате за зголемени ингеренции на претседателот, за директно да назначува судии во Уставен суд, членови во Судскиот совет, гувернер на Народната банка. Зошто? Не му верувате на Собранието?
Имаме двојство. Претседателот го назначува директорот на агенцијата за разузнавање и началникот на Генералштабот. Зошто тогаш да не назначи гувернер на Народната банка. Најголема доверба во Македонија ужива токму Народната банка. Што повеќе ја осамостоиме централната банка од Владата и од министерството за финансии, ние ќе имаме постабилен монетарен систем, постабилна валута и комплетна независност на централната банка, што е најбитно за секоја држава.
Втората работа, зошто судиите за Уставен суд и Судски совет да поминат низ Собрание? Дали е за партиите повторно да ги вмешаат прстите?
Ако претседателот дава предлог тоа значи дека тој, биран од сите граѓани, ќе води сметка за сите граѓани и ќе биде срам за него ако предложи некој член на судски совет кој е правник во локална самоуправа или правник во некое јавно претпријатие.
Под зборот истакнат правник, тие (партиите) не подразбираат некој истакнат универзитетски професор. Тие подразбираат истакнат правник во партијата.
Глас на Америка: Велите дека државата нема да чека бесконечно влез во ЕУ. Што значи тоа?
Како ние да не сме луѓе, како да сме Марсовци и треба да исполниме посебни критериумиСтевчо Јакимовски
Изморени сме од триковите на ЕУ, изморени сме од исполнување на услови коишто не можат да се исполнат. Да разговараш за идентитет, да разговараш за јазик, да разговараш за историски личности, за задачи коишто не ги имала ниту една нација, ниту една држава при влезот во ЕУ. Како ние да не сме луѓе, како да сме Марсовци и треба да исполниме посебни критериуми.
Јас не велам дека ние треба да се откажеме од европскиот пат. Но, ако до 2030 година не влеземе, ние ќе останеме на тој пат, но тој нема да биде приоритет. Приоритет ќе биде да донесеме инвеститори, да обезбедиме проекти, да се подигне македонската економија. Да се отвораат нови работни места, да не се иселуваат младите и овој народ да живее подобро.
Глас на Америка: Може ли државата да опстои економски ако не се приклучи кон некој ваков сојуз?
Руски инвестиции во земји на НАТО и ЕУ, а ние не смееме ниту руска салата да јадемеСтевчо Јакимовски
Ќе ги отвориме вратите за инвестиции за цел свет. Може ли некој да ми објасни зошто ние овде немаме ниту еден инвеститор од Арапски емирати, од Катар, од Либан. Па, ако сакате и од Кина, и од Русија? Како може руски инвестиции во земји членки на НАТО и ЕУ, а ние не смееме ниту руска салата да јадеме.
Паролата ‘Европа ќе не храни, НАТО ќе не брани’ е погрешна теза. Ние мораме да си ги решаваме проблемите сами.
Сепак ние, да не се разбереме погрешно, мораме да бидеме дел од интегративните процеси. Македонија мора да се труди да биде дел од ЕУ. Но ако гледаме дека таа работа не ја бива, ние треба да бараме решение за подобар животен стандард на граѓаните.
Морам да нагласам и ова, ја губиме Африка како ресурсен потенцијал и евтина атомска енергија. Тоа не може да не предизвика потреси во европското стопанство.
Дали нашиот јазик станал македонски од 1944-та, а претходно сме лаеле како кучиња - тоа се смешни работи
Наместо што побрзо да го затвориме Западен Балкан и да го интегрираме во Европа и заеднички да одлучиме да се справиме со проблемите околу нас, ние се бавиме со тоа која историска личност била наша или бугарска.
Дали ние сме Македонци од 1944-та или претходно сме биле нешто друго? Дали нашиот јазик станал македонски од 1944-та, а претходно сме лаеле како кучиња? Тоа се смешни работи. Зошто не одбереме да решаваме вистински проблеми, а во опасност е цела Европа, плус нашиот стратешки партнер САД.
Глас на Америка: Нашиот стратешки партнер, САД, ве постави на т.н. Црна листа поради корупција и злоупотреба на службена положба. Како тоа им го објаснувате на гласачите?
Одговорно тврдам дека со криминали ниту сум се бавел, ниту ќе се бавам
Тоа е предлог на македонски граѓани коишто, откако работам во политиката, се мои политички противници. Тоа се македонски граѓани на коишто не им се допаѓаат моите политички ставови. Но, морам јасно да кажам, јас плата земам од граѓаните на Македонија и јас ќе ги застапувам ставовите на граѓаните на Македонија. Тие што одат да кодошат во амбасадите за тоа кој треба да оди на црна листа, тие ги плаќа некој друг.
Јас одговорно тврдам дека со криминали ниту сум се бавел, ниту ќе се бавам. Одговорно тврдам дека ги обавувам своите функции максимално коректно и во интерес на граѓаните. Тие, граѓаните тоа го препознаваат. Четири пати ме бираат за градоначалник.
Мене ми е жал што во изборна кампања ќе добивам и протестни гласови. Има многу граѓани кои овој чин го оценуваат како мешање во внатрешната политика на Македонија и во изборната кампања. Навистина тоа не го сакам.
Во исто време мислам дека ваквиот начин на жигосување на одредени политичари кои чесно се борат за подобар живот на своите граѓани, само го зголемува антиамериканското расположение, а тоа јас не го сакам. Туку, напротив, високо го ценам партнерството со САД.
Глас на Америка: Каква е вашата визија за водење политика со САД, а се наоѓате на нивната листа за санкции?
Јас се кандидирам за претседател и претседателот мора да мисли за државата. Не може заради црната листа јас да ја мразам цела Америка или да бидам противник на целата американска политика. Најнормално е дека ние ќе соработуваме. И натаму ќе бидеме партнери.
Ниту претходно, ниту сега сум против САД, имајќи во предвид дека тие се гарант за постоење на Република МакедонијаСтевчо Јакимовски
Најнормално е тоа што е интерес на граѓаните на Република Македонија да го штитам и да го штитам интересот на стратешкиот партнер. Ако нивниот интерес го загрозува интересот на граѓаните на РМ, јас јасно кажувам дека ќе се спротивставам.
Но, во ниту еден момент, ниту претходно, ниту сега сум против интересите на САД, имајќи во предвид дека гарант за постоење на Република Македонија се токму САД.
Глас на Америка: Каква политика би воделе кон Русија и Кина?
Да не се лажеме, Русија секогаш ќе биде наклонета на страна на Бугарија. Русија ја има направено бугарската државата. Геостратешки Бугарија е многу побитна за Русија. Треба да се лажеме, ако не кажеме и дека во Македонија постои проруски сентимент.
Но, во исто време повеќе од очигледно е дека Русија не може да биде наш стратешки партнер. Затоа што политички не сме компатибилни. Русија и воено и политички и економски создава други свои партнери, а ние сме се определиле наш партнер да бидат САД и ЕУ. И гарант за постоење на Македонија, откако ја нема Југославија, се САД и ние нормално треба да се држиме до западната политика.
Но, прашањето за економскиот развој морам да кажам дека, ниту стратешкиот партнер, ниту ЕУ не инвестираат доволно во Република Македонија и дека недоволно создале услови за развој и подигнување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.
Глас на Америка: Во изборната програма се залагате за развој на воената индустрија. Зошто?
Војната во Украина практично создаде една состојба на „Царот е гол“. Војната покажа дека нашата алијанса нема доволно оружје, нема доволно муниција, нема доволно ремонтни заводи. Проблемот во цела Европа е индустријата е мирнодопска.
За моите политички противници сум најопасен кога сум потценет
Нашиот противник Русија, пак, е со двонаменска индустрија. Таму 3,6 милиони руски граѓани работат во наменска индустрија и тие многу лесно се преориентираат на воена индустрија, за разлика од нас, од цела Европа.
Ние под итно треба да се вклучиме во оваа европска поделба на трудот во делот на наменската индустрија. Цените сега се добри, високи се. Ако една граната од 155мм чинеше 2.000 долари, сега е 9.000 евра. Можеме да произведуваме муниција и опрема. Не мора софистицирани ракетни системи, но со опрема и муниција можеме да се вклучиме.
Глас на Америка: Доколку не влезете во вториот круг, дали ќе гласате за некој од кандидатите и дали би го повикале членството да даде глас за некој од тие што би се пласирале?
Историјата покажува дека за моите политички противници сум најопасен кога сум потценет. Потценет сум и во оваа изборна кампања. Обично, во вториот круг други одлучуваат да гласаат за мене, а не јас за нив. И, не знам зошто би ја сменил таа навика и во оваа претседателска кампања. Имајќи во предвид дека не гледам фаворит по знаење, по идеја, ниту по програма.
Јас не живеам за нешто материјално или за докажување допрва. Јас живеам за историја.