„Ги охрабруваме лидерите на Македонија да продолжат со напредокот во имплементирање на политичкиот договор од Пржино, што го претставува најдобриот начин за излез од кризата и упатување по патот што ќе водат до кредибилни избори закажани за април 2016-та“, за Гласот на Америка на македонски коментираше претставник на американскиот Стејт департмент.
Во изјавата понатаму се наведува задоволство од постигнатата согласност по клучните закони што произлегуваат од договорот, и се додава дека „сега партиите треба да се фокусираат на тешката работа на имплементација на договорената законска легислатива“ и да се обезбеди „изедначено поле за сите“ на изборите во април.
Американскиот Стејт департмент ја поздравува и веста од минатата недела за комплетирањето на тимот на Специјалниот обвинител, и повтори дека „на специјалната обвинителка мора да и` биде овозможено да го исполни нејзиниот мандат“.
Стејт департмент исто така го повторува повикот до сите страни да го стават интересот на државата на прво место и да ја реафирмираат определбата за евро-атлантска интеграција на Македонија.