Четворица американски дипломати, дел од високиот раководен тим на Стејт департментот, поднесоа оставки, на неколку дена пред Рекс Тилерсон да добие потврда од Сенатот и да ја преземе функцијата државен секретар на САД.
Претходно, од функцијата помошничка државна секретарка за Европа и Евроазија, замина и Викторија Нуланд.
Вршителот на должноста портпарол на Стејт департментот, Марк Тонер, ја потврди информацијата, додавајќи дека овие функции се политички назначувања, при што претседателот ги номинира, а Сенатот ги потврдува.
Тонер додаде дека некои од дипломатите, чии оставки биле прифатени, ќе продолжат да работат во Службата за надворешна политика при Стејт департментот, но на други функции, а други ќе се пензионираат по нивен избор или затоа што го надминале рокот со тој статус на позицијата.
Ниту Стејт департментот, ниту дипломатите, не гo поврзуваат нивното заминување од функциите експлицитно со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, туку оставките уследиле по посетата на Стејт департментот од страна на Тилерсон, идниот државен секретар на САД.