Насилство и закани за насилство кон новинари, корупција на виско ниво, примери на насилство и закани кон членови на ЛГБТИ заедницата, се забележани меѓудругото во најновиот извештај на Стејт департментот за човекови права.
Според извештајот, членови на безбедносните сили направиле одредени злоупотреби, вклучувајќи прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари.
„Владата презеде чекори да ги идентификува, истражи, обвини и казни официјалните лица кои направиле злоупотреби“, се вели во извештајот, кој нагласува дека Народниот правобранител верува оти неказнивоста на полицијата продолжува да биде проблем.
Извештајот забележува дека постојат одредени пријави за полициска злоупотреба на притворени и затворени лица, и оти била користена прекумерна употреба на сила.
Омбудсманот изминатава година добил 30 жалби од затворени и приведени лица за наводна физичка злоупотреба, бруталност, тортура, нехуман и деградирачки однос од страна на полицијата и затворските чувари, вклучувајќи ги затворите во Идризово, Скопје, Куманово, Штип и Охрид.
Извештајот нагласува дека затворските услуги понекогаш биле неадекватни, но, оти биле преземени соодветни чекори за нивно подобрување.
Во однос на корупцијата, законот предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, но, оти постојат извештаи дека официјални лица биле вмешани во корупција, нагласува извештајот.
„Невладиниот сектор вели дека владината доминантна улога во економијата создала услови за корупција“, стои во извештајот, во кој се додава:
„Во нејзиниот извештај за Северна Македонија на 6.октомври, Европската комисија вели дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво“.
Стејт департментот забележува дека Владата покажала поголема почит кон судската независност и непристрасноста во однос на претходните години.
„Согласно извештајот на Европската комисија од 6. октомври, државата воспоставила механизми да обезбеди судска независност и одговорност, вклучувајќи воведување на процедури за дисциплина“, се вели во извештајот.
Судскиот совет, пак, добил 283 жалби за погрешно судско постапување, а одвоено Судскиот совет примил 60 формални барања за отстранување или дисциплинска постапка против судии.
Согласно извештајот, медиумската средина продолжила да се подобрува изминатава година, а според Асоцијацијата на новинари на Македонија, владиниот одговор во случаи на насилство и закани кон новинари бил бавен и неефикасен.
Во однос на слободата на интернетот, Владата не ограничила пристап до интернетот, ниту пак цензурирала онлајн содржина.
„Нема извештаи дека Владата мониторирала приватни онлајн комуникации без соодветно право овластување“, забележува извештајот.
Во него се нагласува дека последните парламентарни избори биле конкурентни, и покрај ограничената можност на политичарите да се обратат пошироко поради пандемијата на ковид-19.
Целиот извештај може да се најде на следниов линк: https://www.state.gov/reports/2020-country-reports-on-human-rights-practices/north-macedonia/