Во најновиот извештај за состојбата со човековите права во Северна Македонија на Стејт департментот на САД, нотиран е напредок во одредени области, како што се истрагите и прогонот за криминални активности на високо ниво, но се посочечни одредени забалешки како на пример, вмешаност на официјални лица во корупција, треба да се сфати сериозно, вели поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.
„Овој извештај како и сите други извештаи од меѓународните организации, треба сериозно да се сфатат. Треба да се постапува по истите, треба да се реализираат одредените укажувања, се со цел сериозно да се прикаже владеењето на правото, а со тоа како што и ни беше укажано и странски инвестиции да се ефектуираат во државата“, рече Николовска.
И професорот од правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, извештајот го оценува како правење баланс и се согласува со Цаца Николовска.
„Треба државата сериозно да го земе ова, дека нема едноставни решенија. Треба многу посериозни напори за овој баланс, ефикасни истраги, заедно со коректно почитување на човековите права да се изведе на начин како што го бараат западните демократии, што е многу посложена работа отколку што сака да се прикаже кај нас“, вели Калајџиев.
Калајџиев вели дека ефикасноста на казненото правосудство не смее да биде на штета на правата на одбраната и на фер судење.
„Конкретно кај нас, извлекувањето од контекст на ефикасноста, понекогаш знае да биде на штета на правата на одбраната и на фер судењето, а во исто време да значи и определен притисок врз судовите. Ова последното е посебен проблем во нашата држава, од аспект на тоа што судовите се во многу незавидна ситуација кога одлучуваат за притвор, приведување како и за самите случаи. И тие се под голем притисок да најдат криминал, таму каде што јавноста и власта сметаат дека постои криминал“, додава тој.
Стејт департментот забележува дека владата покажала поголема почит кон судската независност и непристрасноста во однос на претходните години, но се забележува дека обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици. Она што е особено важно е констатацијата дека има проблеми и во делот на финансирање на судството.
„Оној износ кој е определен за судството,исто се однесува и за обвинителството се уште целосно не е остваруван,односно се уште целосно државата не ги исплаќа. Тоа е едно од утврдувањата кои мислам дека државата треба да ја замисли“, рече поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска.