Стари даноци во новиот Буџет за 2024 година

Процените се дека наредната година ќе има раст од околу 3 отсто а инфлацијата ќе се преполови. Министерот Бесими брифираше дека антикризните мерки ќе бидат во декември и јануари и предвидуваат поддршка за најранливите категории и кредитни линии за стопанството

СКОПЈЕ - За петнаесетина дена министерството за финансии ќе ги има контурите на Буџетот за наредната 2024 година а она што најмногу ги интересира граѓаните и бизнис заедницата е дека не се предвидува воведување на нови даночни обврски ниту пак зголемување или намалување на постоечките даноци. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на денешниот брифинг со новинарите потврди дека во новиот Буџет ќе фигурираат старите даноци.

Колку ќе тежи Буџетот за 2024 година, дали ќе биде рекорден, засега нема никакви информации бидејќи во финансии се уште работат на прецизирање на сумите. Иако станува збор за изборна година од финансии се децидни дека ќе има одржлив раст. Според министерот Бесими, предвидувањата се дека растот би бил поголем од годинава и го позиционира околу 3 отсто, буџетскиот дефицит очекува да падне под 4 отсто а инфлацијата да биде преполовена од оваа година и да изнесува околу 5 отсто на годишно ниво.

Предвидувањата на министерот Бесими за годинава се разликуваат од оние на Светска банка и ММФ па така растот годинава ќе изнесува 2,5 отсто што е многу повеќе од 1,8 отсто колку што предвидоа од Светска банка, буџетскиот дефицит ќе биде под 4,6 отсто а инфлацијата ќе биде околу 9 отсто на годишно ниво.

Според Бесими реализацијата на капиталните проекти оди со добро темпо и е двојно повисока споредено со истиот период минатата година.

Паралелно со изработката на Буџетот се работи и на антикризните мерки бидејќи дел од нив ќе бидат во декември а дел во јануари и ќе бидат инкорпорирани во новиот Буџет. Првичната сума наменета за антикризните мерки е 4,7 милијарди денари кои ќе бидат наменети за најранливите категории и како кредитни линии за помош на стопанството. Од парите за антикризни мерки ќе се одвојат над 900 милиони денари кои ќе бидат доделени на македонски железници за да го подмири долгот кон ЕСМ.

Кога станува збор за солидарниот данок првиот човек на финансии е дециден, сите компании ќе мора да го уплатат заклучно со 24 ноември или ќе се соочат со пенали. Досега се собрани 36 милиони евра а очекувањата се дека оваа бројка ќе се качи на 50 милиони евра. Солидарен данок идната година нема да има а парите од овој данок исто така ќе влезат како дополнителни средства за антикризните мерки.

Бесими не сакаше да коментира што ќе се случи доколку Уставниот суд пресуди во корист на бизнис секторот кој веќе ја оспори уставноста на данокот.