Реакции по средбата на Советот за стабилизација и асоцијација

За комесарот Филе, инцидентите од 24 декември, слободата на медимите и изборното законодавство се итни прашања. За МНР, Советот го поздравил напредокот во обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво.
Во Брисел се одржа средба на Советот за стабилизација и асоцијација, на кој претставници на македонската влада и Европската комисија го оценија напредокот во рамки на овој процес.

Состанокот беше корисна можност заеднички да го процениме напредокот во процесот на асоцијација. Разговаравме за ова во контекст на Договорот за стабилизација и асоцијација и на приоритетните области на Пристапниот дијалог на високо ниво, се вели во соопштението на комесарот за проширување Штефан Филе, издадено по средбата.

Филе нагласи неколку прашања за кои наведува дека ЕУ ги смета за особено важни.

„Прво, целосната примена на политичкиот договор од 1-ви март е од суштинско значење. Го поздравивме фактот дека е формирана Комисија за истражување (на причините за инцидентот во Собранието на 24-ти декември, н.з.), така што со жалење констатирам дека нејзиниот претседавач дал оставка. Знаеме дека е направен напредок. Оттаму, важно е работата да продолжи за да се дојде до заеднички прифатливи заклучоци и предлози за тоа што понатаму“, вели Филе.

Комесарот ја нагласува и потребата од решавање на проблемите во сферата на слободата на изразувањето, со акцент на слободата на медиумите.

„Дијалогот со медиумите е суштински за повторно да се изгради доверба меѓу медиумската заедница и Владата, како и да се извршат неопходните реформи за плурализмот и слободата на изразување во вашата земја. Исто така, важно е коментарите и препораките за новиот закон за медиуми соодветно да бидат земени предвид“, наведува Филе

Тој ја нагласува и реформата во изборниот систем.

„Ја поздравуваме започнатата дискусија за амандманите на изборниот законик. Важно е сите недостатоци и препораки да се земат предвид што поскоро, на целосно вклучителен начин“, стои во изјавата на Филе.

Комесарот за проширување препорачува државата да продолжи со реформите и да се фокусира на нивната имплементација, како и важните политички прашања да се земат во предвид, за да се создаде позитивна клима кон крајот на годината, кога земјите-членки на ЕУ ќе одлучуваат за процесот на проширувањето.

Со соопштение за средбата се огласи и Министерство за надворешни на Република Македонија, според кое „Советот за СА (стабилизација и асоцијација, н.з.) го поздрави напредокот во исполнувањето на обврските во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво, нагласувајќи ја важноста и натаму да се преземаат континуирани напори фокусирани на имплементацијата“.

Министерството наведува и дека „во однос на политичките критериуми, Советот за СА ја подвлече важноста од конструктивен дијалог меѓу политичките чинители. Беше информирано за состојбата во однос на спроведувањето на договорот од 1 март, чија цел е разгледување на настаните во Собранието од 24 декември. Во врска со ова, Советот за СА ја нагласи потребата од целосно спроведување на сите елементи на договорот, што ја вклучува и работата на Анкетната комисија, потпишувањето на меѓу-партискиот Меморандум за разбирање за евро-атлантските стратешки приоритети, изборните реформи и дијалогот за состојбата во медиумите“.

Во врска со слободата на изразување, Министерството оценува дека „Советот за СА ја разгледа состојбата во однос на слободата на изразување во медиумите и го зеде предвид напредокот постигнат со декриминализацијата на клеветата, како и соодветната обука на судството. Продолжувањето на тркалезните маси за состојбата во медиумите со здружението на новинари и други мерки за градење доверба, како клучна заложба од договорот од 1 март, е од суштинско значење. Во однос на нацртот на новиот Закон за медиуми, Советот за СА го поздрави проширувањето и продолжувањето на процесот на консултации, потсетувајќи на потребата да се земе предвид придонесот на засегнатите страни на национално ниво, како и советите од меѓународните организации“.