СКОПЈЕ – Граѓаните имаат зголемени трошоци за да ги набават основните и неопходни продукти како храна, пијалаци и средства за хигиена и покрај „новогодишната акција“ и намалувањето на цените на над илјада продукти, соопштија од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ). Синдикатот пресмета дека за јануари минимумот за едно четиричлено семејство да го преживее месецот е 63.252 денари односно а тоа е за 391 денар поскапо од декември минатата година и покрај тоа што сите 63 продукти од синдикалната минимална кошничка беа опфатени со новогодишната акција и беа на попуст.
Минималната плата во моментов изнесува 22.500 денари и тоа значи дека доколку четиричленото семејство има примања од две минимални плати, ќе им недостасуваат над 18 илјади денари за да врзат крај со крај во текот не месецот.
За да се преживее еден месец од јануари минатата година заклучно со денес се потреби 6.089 денари повеќе колку што изнесува разликата во синдикалните кошнички за само една година. Десет проценти поскапи се и трошоците за живот во делот на храна и пијалаци кои за една година скокнале за 2.191 денар.
Синдикатот апелира до Владата да преземе чекори, во иднина да не соопштува за евентуално активирање на мерки и најави дека ќе ги објави профитите на големите трговци кај кои ја лоцира вината за високите цени на производите.
„ Можеби се потребни и други мерки од Владата, без најава да креира кошнички без да ги информира, консултира и прашува трговците и можеби и ние како ССМ ќе преземеме поригорозни чекори“, изјави Трендафилов.
Од ССМ се на став дека инфлацијата е далеку повисока од 3,5 проценти и дека бројките се доказ дека платите, покрај минималната, мора да се зголемат.
„Платите мора да се зголемат за најмалку 20 проценти имајќи предвид дека цените во маркетите трговците, на грбот на граѓаните и работниците, ги зголемуваат за најмалку 20 проценти. Сметаме дека нашето барање за растот на платите и на минималната плата е издржано од анализите кои ги презентиравме“, вели Трендафилов.
Државниот завод за статистика денес излезе со податок дека просечната плата во ноември изнесувала 41.999 денари и е за 135 денари пониска од октомврискиот просек.