Болеста го натерала да се радува на животот

Болеста го натерала да се радува на животот

Живее за да известува од спортски настани

Спортски новинар – професија поврзана со патувања и дружење со познати лица, во центарот на случувањата! За еден новинар не беше се` така розово - на два пати го победи ракот и сега гледа со поинаков поглед – и на работата, и на животот.

Американецот од иранско потекло Араш Маркази го исполнил својот сон кога станал новинар во престижната спортска телевизија И-Ес-Пи-Ен.

„Отсекогаш сакав да пишувам. Сакав да се занимавам и со спорт, но не пораснав доволно. Затоа решив да пишувам за спортот“, раскажува 31-годишниот Маркази.

Преку 10 години работел за универзитетски весник - пишувал за спортисти погодени од тешки болести. Токму тогаш, сосема неочекувано, добил мошне лоша вест – самиот заболел од рак. Сепак, тоа не го поколебало. По агресивна терапија, ракот се повлекол и тој нашол работа во престижниот магазин Спортс илустрејтед во Њујорк. Но, ракот се вратил. Повторно минал тешка терапија. Додека се опоравувал, си задал цел.

„Направив листа на натпревари и настани на кои сакам да присуствувам, но и да известувам од нив“, вели Маркази.

Откако по втор пат се опоравил, на нештата гледа поинаку, со постојан потсетник - колку е драгоцен животот: „Повеќе го ценам животот. Луѓето ми велат - изгледаш многу среќен, што ти се случува? Веднаш возвраќам - се радувам на секој момент“.

Маркази има доволно пасија во себе да продолжи професионално да го следи спортот. Скромноста и неодоливата насмевка се гарант дека е подготвен да се соочи со најтешките предизвици – и на работа, и во животот.