Протести во Шпанија поради преговорите со каталонските сепаратисти

Илјадници луѓе маршираа во неделата во главниот град на Шпанија, Мадрид, на повик на десничарските политички партии во знак на протест поради преговорите на актуелната влада со каталонските сепаратисти.

Веејќи шпански знамиња, поддржувачите на конзервативната Народна партија и екстремно десичарската партија Вокс излегоа на улиците на Мадрид и го повикаа премиерот Педро Санчез да поднесе оставка.

„Дојдовме тука за да ја одбраниме Шпанија, ние сме тука со Шпанија и со Европа. Каталонците мора да ги почитуваат шпанските закони“, рече Роман Лопез, еден од учесниците во протестот.

Минатата недела, на барање на каталонските сепаратисти, владата на Санчез се согласи да назначи независен известувач во преговорите помеѓу политичките партии.

Екстремно десничарските партии и нивните поддржувачи ја обвинија владата за предавство поради ваквиот потег.