Шпанија се најде во политички ќорсокак откако неделава во Врховен суд започна судењето на 12 каталонски националисти и по конгресниот пораз на социјалистичкиот премиер Педро Санчез кој можеби е принуден да свика предвремени избори.
Владин портпарол соопшти дека датумот за избори ќе биде соопштен по гласањето во Конгресот против буџетските предлози на премиерот Санчез кој ја изгуби поддршката од регионалните партии чии гласови беа клучни за неговата малцинска влада.
Конзервативците бараат Санчез да закаже избори откако тој минатата година ја презеде функцијата по гласањето во Конгресот против конзервативниот премиер на Народната партија, Мариано Рахој. Санчез доби клучна поддршка од каталонските националисти кои сакаа да го казнат Рахој заради неговиот цврст став против нивното барање за независност.
Иако Санчез во предлог буџетот вети поголема сума пари за Каталонија, сепаратистите се противат на бавното напредување во исполнувањето на нивните барања за самоопределување и судењето на нивните водачи.
Конзервативците минатата недела во центарот на Мадрид собраа 200.000 луѓе и ги осудија обидите на Санчез да воспостави формални преговори со каталонските лидери со помош на меѓународен посредник. Тие Санчез го нарекоа предавник.
Според владини претставници предлогот за меѓународно посредување Санчез го добил од каталонскиот претседател Ким Тора.
Некои виши социјалистички претставници како што е поранешниот премиер Фелипе Гонзалес им се придружија на конзервативците во критиката кон Санчез, затоа што ја третирал Каталонија како де-факто странска држава.
Санчез се повлече и во петокот кажа дека „дијалогот“ со владата на Каталонија е прекинат.
Претставници од конзервативната Народна партија исто така ја предупредија владата од мешање во судските процеси, со помилувања или со намалување на казните, како што беше предложено од страна на лица блиски до Санчез.
Тие се обидуваат да биде отфрлено обвинението против поранешниот потпретседател на Каталонија, Ориол Жункерас, и други официјални лица кои го организираа референдумот за независност во октомври 2017-та година.
Застапниците на Жункерас велат дека непослушноста кон централната власт не претставува бунт, бидејќи не било користено насилство. Но, на иницијативата се спротивстави десничарската партија Вокс кои вршат притисок Жункерас да добие 74 годишна затворска казна.
Вокс има силна поддршка кај Шпанците кои се спротивставуваат на регионалниот национализам.
Драмата во судницата се очекува да трае најмалку три месеци каде ќе бидат повикани околу 500 сведоци, вклучувајќи го и поранешниот премиер Рахој и кралот Фелипе.
Весникот „Ел Паис“ забележува дека Каталонците својата одбрана ја засноваат на „политичка офанзива“ за да ја поткопаат легитимноста на судењето.
Каталонската влада се обидува да добие странска поддршката преку мрежа на амбасади за кои шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Борел рече дека промовираат „црна приказна за Шпанија“
Германските власти и се приклучија на Белгија во отфрлањето на обвиненијата за побуна против претседателот на Каталонија, Карлес Пуџдемон.
Но, аналитичарите велат дека институциите на ЕУ нема да дадат значителна поддршка за каталонски сепаратисти во време кога е потребно единството на блокот заради Брегзит.
Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал за Гласот на Америка изјави дека тој лобирал кај европските популистички движења да ги избегнуваат каталонските сепаратисти, и дека добил првична поддршка од партиите што се дел од владејачката коалиција во Италија.