Сојузнички армии во поход на Криволак: Борбено робот-возило, хеликоптери, 1.800 војници ќе учествуваат на вежбата „Брз одговор 23“

На полигонот ќе се користат оклопните возила од моделот „HMMWV“, борбени хеликоптери „апачи“, транспортни хеликоптери „black hawk“, „chinook“, како и транспортните хеликоптери „Ми 8/17“ (Фото: Вежба „swift response 22“)

На вежбата „Брз одговор 23“ на Криволак првпат ќе биде употребено и роботизирано борбено возило „Project Origin“ кое е сè уште во развојна фаза. Целта на возилото е зголемување на борбената моќ на пешадиските единици и избегнување на човечките загуби.

Хеликоптери, оклопни возила, топовски орудија, како и борбено робот-возило што ќе биде првпат употребено, ќе бидат вклучени на полигонот Криволак во рамките на воената вежба „Брз одговор 23“ што ќе се одржи од 22 мај до 5 јуни.

Ќе учествуваат повеќе од 1.800 припадници од македонската армија, како и од армиите на САД, Албанија, Црна Гора, како и од Косово.

„Главната цел на оваа вежба е развивање на способностите за здружено дејствување, кои се гарант за безбедноста на регионот и на алијансата“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа додаде дека е исклучително важно што ќе се прикаже капацитетот на армискиот полигон Криволак.

„Имаме способност, како земја домаќин, да го приредиме ова и да вложуваме и понатаму во развојот на интероперабилноста“, истакна Петровска и додаде дека вежбата е приказ за стратешкото сојузништво со САД, наш докажан партнер и сојузник во Алијансата.

Од македонска страна ќе учествуваат 500 припадници на армискиот состав, додека од САД ќе има околу 1.000 учесници. Вежбата се организира под водство на Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

(Фото: Вежба „swift response 22“)

Заменикот амбасадор од Амбасадата на САД, Ерик Мејер истакна дека и натаму ќе продолжи поддршката за македонската армија да ја одржува својата борбена подготвеност.

„Армијата на Република Северна Македонија докажува дека е подготвена, добро позиционирана и спремна да се интегрира со мултинационалната бригада и со силите на САД за Европа. Преку новите стратешки концепти, ние ги покажуваме нашите комбинирани способности, нашите здружени капацитети за одбрана“, рече Мејер.

На полигонот ќе се користат оклопните возила од моделот „HMMWV“, борбени хеликоптери „апачи“, транспортни хеликоптери „black hawk“, „chinook“, како и транспортните хеликоптери „Ми 8/17“ од македонската армија.

(Фото: Вежба „swift response 22“)

За првпат ќе биде употребено и роботизирано борбено возило „Project Origin“ кое е сè уште во развојна фаза. Целта на возилото е зголемување на борбената моќ на пешадиските единици и избегнување на човечките загуби.

За време на вежбата ќе се користи стандардна маневарска и бојна пешадиска и артилериска муниција.

(Фото: Вежба „Swift response 22“)

Во текот на вежбата, во соработка со универзитетската лабораторија „Амбикон“ од Штип ќе се мери и контролира присуството на суспендирани честички на просторот на армискиот полигон.

Специјално по повод вежбата, на 21 и на 28 мај во Куманово и во Кавадарци ќе се организираат и отворени денови за граѓаните, каде ќе бидат изложени дел од борбените возила и летала.