Сопствениците на оружје во САД очекуваат Трамп да ги намали рестрикциите

Your browser doesn’t support HTML5

Мерките за спречување на вооружено насилство во САД се зајакнати под администрацијата на Бајден, но се очекуваат големи промени во политиката откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата во јануари. Известува Вероника Балдерас Иглесијас.

Дека правата на сопствениците на оружје ќе бидат заштитени под негово водство, е ветувањето што новоизбраниот претседател Доналд Трамп рече дека брзо ќе го исполни.

„Во мојот втор мандат, ќе го отфрлиме секој напад на Бајден во врска со вториот амандман. Нападите се брзи и бесни. Почнувајќи од моментот кога [Бајден] ќе излезе од Белата куќа“, рече Трамп во предизборието.

Според Центрите за контрола и превенција на болести, во 2023 година речиси 47.000 луѓе загинале поради вооружено насилство. Претседателот Џо Бајден воведе низа мерки за кои истражувачите велат дека помагаат да се намали тој број.

„Тука се вклучени средствата од Американскиот план за спасување за поддршка на програмите за интервенција во насилството во заедница. // Администрацијата на Бајден ја зајакна способноста на Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви, и на ФБИ да ја регулираат индустријата“, вели Џен Павлиуконис од Универзитетот Џонс Хопкинс.

Поборниците за право на оружје велат дека овие мерки го нарушуваат правото на носење оружје дадено со Вториот амандман на Уставот на САД. Тие се уверени дека таквите мерки Трамп ќе ги отстрани.

„Не мислиме дека тие направиле нешто за да ги зачуваат луѓето безбедни. Сè што направија е прекршување на правата од Вториот амандман“, истакнува Ален Готлиб од фондацијата „Втор амандман“.

Поддржувачите, исто така, сакаа Трамп да го исполни своето ветување за потпишување на законот за прикрено носење оружје со реципроцитет, со што на носителите на дозволи ќе им овозможи да патуваат во сите 50 сојузни држави со своето оружје.

„Секоја држава низ која ќе поминете, треба да ги разгледате нивните специфични закони за оружје, а во некои случаи, не би било легално да го носите вашето оружје во конкретни сојузни држави. Тоа е нешто што би сакале да го видиме на федерално ниво“, истакнува Ник Кларк од волонтерска група за застапување за оружје во Висконсин.

Синот на Френк Циморели, Камден, кој имаше проблеми со менталното здравје, почина неколку недели откако се застрела во 2022 година со легално купен пиштол. Циморели би сакал мерките за безбедност на оружјето, како што се засилените проверки на позадината, да останат во сила под администрацијата на Трамп.

„Ако родителите сакаат да чуваат пиштол во куќата за заштита, јас немам проблем со тоа. Проблемот што го имам е следен: зошто вашето право да имате пиштол го засенува моето право да чувам пиштол надвор од мојата куќа?“, вели Циморели.

Истражувањата на „Пју“ покажуваат дека постои широка двопартиска поддршка кај јавноста за спречување на луѓето со ментална болест да купуваат пиштоли, но Американците остануваат длабоко поделени во однос на повеќето предлози за политиката за оружје.