Стотина учесници на собирот за поддршка на Русија во Скопје

Во дел од обраќањата, поединци нагласија дека тие, како учесници на собирот, не се против украинскиот народ и оти сакаат да има помирување меѓу Русија и Украина

Стотина учесници имаше на денешниот собир што за поддршка на Русија се одржа пред руската амбасадата во Скопје, а во организација на политичката партија „Родина Македонија“.

На собирот имаше скандирања на името на рускиот претседател Владимир Путин, а се вееја и руски знамиња.

Your browser doesn’t support HTML5

Стотина учесници на собирот за поддршка на Русија во Скопје

Учесниците упатија пораки во кои беше истакнато дека ги поддржуваат Русија, рускиот народ, а му изразија поддршка и на Путин и неговата политика. За руската инвазија врз Украина, пак, дел од учесниците рекоа дека, како што истакнаа, не е окупирање на земјата, туку е операција за денацификација и за демилитаризација на украинската држава.

„Сакаме да изразиме јавна и јасна поддршка за Русија и рускиот народ, кои денес, како и во минатото, се исправени пред налетот на наци-фашизмот во Европа. Не за русофобијата, не за ставање на Македонија на црна листа за отстрел“, рече Зоран Јованчев, од партијата „Родина Македонија“.

Во дел од обраќањата, поединци нагласија дека тие, како учесници на собирот, не се против украинскиот народ и оти сакаат да има помирување меѓу Русија и Украина како словенски народи.

На истата локација, пред петнаесетина дена се одржа протест против воената инвазија на Русија врз Украина, а во организација на украинското здружение „Лесја Украинка“. Истото здружение, во центарот на Скопје отвори и пункт за донирање хуманитарна помош за украинските граѓани во завојуваните области.