Смртоносна, голема бура ја погоди Калифорнија

Системот на бура, познат како циклон на бомби, е настан што се случува кога има брзо засилување на циклонот за краток временски период

Смртоносна, голема бура ја погоди Калифорнија и северозападниот дел на Тихиот Океан во САД со силен ветер и обилни дождови. Најмалку две лица загинаа кога дрвја паднаа во градовите околу Сиетл.

Во трите сојузни држави, Калифорнија, Орегон и Вашингтон, забележани се прекини на струја, а пријавени се дури 500.000 електрични прекини на енергија. До среда утрото, околу 60.000 корисници останаа без струја.

Во Белви, Вашингтон, источно од Сиетл, противпожарната служба ги предупреди жителите дека силните временски услови може да предизвикаат штета.

„Ако можете, одете на најнискиот кат и држете се подалеку од прозорците. Не излегувајте надвор, ако можете да го избегнете тоа“, рече противпожарната служба на Белви во објава на платформата за социјалните медиуми X.

Системот на бура, познат како циклон на бомби, е настан што се случува кога има брзо засилување на циклонот за краток временски период.

Центарот за прогнозирање на времето предупреди дека можни се прекумерни врнежи и ветрови со ураганска сила до петок. Центарот е дел од Националната метеоролошка служба.

Повеќе од 25 сантиметри дожд се прогнозираат во Северна Калифорнија, а до петок до 25 сантиметри во југозападен Орегон, соопшти центарот.

Метеоролошките прогнозери на Националната метеоролошка служба во средата соопштија дека „моќните системи за бура на Пацификот“ ќе го погодат западниот брег до крајот на оваа недела со силен дожд, поплави опасни по живот, силни ветрови и снег на повисоките места“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.