Ако цената да влеземе во ЕУ е да кажеме дека не сме Македонци, тогаш ЕУ не ни треба, порача Пендаровски

Your browser doesn’t support HTML5

Не верувам дека Бугарија ќе стане нова Грција, вели политичкиот аналитичар Љупчо Петковски, коментирајќи ги заканите за можно бугарско вето

Бугарски пораки за ликот и делото на револуционерот, но и за модерната македонска историја ја подгреаја атмосферата при одбележувањето на 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев, особено кај дел од општеството кое не го прифати компромисот со Атина, а не е подготвено ниту за нови отстапки, овојпат со Бугарија.

“Проблематичните“ зони од историјата, Бугарија ги издигна на политичко ниво и ги постави како услов без чие исполнување, како што најавуваат одредени кругови од Софија, нема да дозволи напредок - почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. Колку се реални и остварливи овие закани од Бугарија?

„Теоретски тие можат да решат дека нивните национални интереси целосно ќе ги бранат преку преговарчкиот процес. Но, не верувам дека може да се претворат во нова Грција, затоа што Бугарите се нели блзиок, братски народ со кој потпишавме амбициозен договор и се обрзавме да ги дискутираме отворените историски прашања“, изјави политичкиот аналитичар Љупчо Петковски.

Во проблематичните прашања е и јазикот, за кој Софија не е многу расположена да се именува како македонски. Токму на денот на македонскиот јазик - 5 мај, Владата уверува дека од таа „црвена линија“ нема повлекување.

„Нашиот македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина, е света обврска за сите нас“, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Шефот на државата дури отиде чекор понатаму.

„Ако цената да влеземе во ЕУ е да кажеме дека не сме Македонци, и дека нашиот јаик се именува некако поинаку од македонски јазик, тогаш ЕУ не ни треба“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Утре на ист настан ќе учествуваат и бугарски и македонски лидери на Самитот ЕУ - Западен Балкан. Ќе нема можност за разговор за отворените прашања и тензичните релации Софија - Скопје, зошто станува збор за видео - конференција, на која Унијата ќе ја потврди европската иднина на Западен Балкан, како и солидарноста со регионот во ситуација на пандемија.