Аерозагаденоста на разни локации во Скопје утрово била неколку пати повеќе од дозволените 50 микрограми - од 200 до 258 микрограми на метар кубен, иако на сила се итните мерки против, доколку два дена по ред загадувањето е над дозволените граници.
Уште поризични за здравјето на скопјани се измерените вредности на квалитетот на воздухот во претходните 24 часа, кога се регистрирани алармантни концентрации на ПМ-10 честички, од дури 636 микрограми на метар кубен, кај Ректоратот на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, но и со високи концентрации во другите градови во Македонија - Битола - 309, Велес - 248, Струмица 243 и Гостивар 211 микрограма ПМ-10 честички на метар кубен.
Иако официјален став е дека досегашните мерки ја ублажуваат моментната состојба, која медиумите и граѓаните на социјалните мрежи ја оценуваат како крајно загрижувачка, властите признаваат дека е неопходен подолг процес за изнаоѓање решение за намалување на аерозагаденоста, и оти се неопходни мерки на среден и долг рок.
Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот Миле Бошњаковски денеска најави дека Владата размислува за дополнување на пакетот - мерки што се применуваат за аерозагадувањето.
Засега, вели Бошњаковски, се спроведуваат обврзувачките интервентни мерки, како ослободување од работни обврски на лица постари од 60 години, на бремените жени, на лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, како и мерките за бесплатниот Јавен превоз, државните и приватните превозници.
Властите апелираат до граѓаните да го користат Јавниот превоз наместо нивните возила, стопирани се градежните активности под надлежност на Градот, се вршат инспекции на сите градилишта за контрола на возилата и правот, а се контролира и користењето на службените возила на Град Скопје.
Откако и мерните станици во Битола неколку дена, особено во вечерните часови, регистрирале висока загаденост на воздухот, Советот на Општина Битола донесе одлука за преземање мерки за заштита на животна средина, и за подобрување на амбиенталниот воздух.