„Одлучен удар“ - потврда за способноста на македонската Армија за учество во операциите на НАТО

  • Синиша Станковиќ
Владата донесе одлука за одобрување за влегување и престојување на припадници на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија

Владата на својата 130-та седница ја разгледа и прифати Информацијата за изведување на вежбовната активност на Армијата на Република Северна Македонија и Командата на US EUCOM „Одлучен удар“ (Decisive Strike), која во неколку фази ќе се спроведе од 20 мај до 15 јули.

Заедничката вежба „Одлучен удар“ ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија, како дел од комплексот на вежби на Командата на копнените сили на САД за Европа (УСАРЕУР) во Црноморскиот и Балканскиот регион. Се работи за најголемите вежбовни активности досега организирана на територијата на Република Северна Македонија, која ќе биде практична манифестација на поддршката за членството на државата во НАТО, од нејзините сојузници. Вежбовните активности треба да го докажат постигнатото ниво на интероперабилност на војниците од армиите на земјите-учеснички, со цел овозможување на зголемен придонес во тековните и идните операции предводени од Алијансата.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик за значењето на вежбата „Одлучен удар“ за македонско–американските односи и за зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, особено во поглед на зголемувањето на придонесот на припадниците на македонската Армија во операциите на Алијансата, советникот за односи со јавноста, ни го испрати одговорот на Министерството за одбрана.

„’Одлучен удар’ е заедничка вежбовна активност на армиите на Република Северна Македонија, САД, Бугарија, Литванија, Албанија и Црна Гора која ќе се одржи летово, на Армискиот полигон ‘Криволак’. Тоа ќе биде најголема воена вежба која досега е организирана во нашата држава, еден вид на практична манифестација на сојузничката поддршка за членството на Република Северна Македонија во НАТО. Свoите способности ќе ги покажат 2.000 припадници на македонската Армија, исто толку припадници на вооружените сили на САД, 100 припадници на војската на Црна Гора, и по 25 припадници на вооружените сили на Албанија, Литванија и Бугарија“, се вели во официјалниот одговор.

Според ставот на МО, „целта на вежбата е да се тестира и докаже интероперабилноста на припадниците на вооружените сили на земјите-учеснички и да се потврди дека со членството на Северна Македонија во НАТО, Алијансата добива уште една способна, сојузничка Армија која може да се носи со предизвиците на операциите предводени од НАТО алијансата. И досега, припадниците на македонската Армија ги добиваа највисоките оценки за партнерскиот придонес во мировните мисии на НАТО, а сега партнерството прераснува во сојузништво“, се вели во одговорот на МО на прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик.

Во соопштението на прес-службата на Владата пак, се вели дека покрај учеството на по 2.000 македонски и американски војници, со 400 различни видови моторни возила, на најголемата досега вежба на полигонот „Криволак“, ќе учествуваат и 25 припадници на албанските вооружени со 10 различни видови моторни возила, 25 припадници на бугарските вооружените сили со 10 различни видови моторни возила, 25 припадници на литванските вооружените сили и 100 припадници на Војската на Црна Гора, со 20 различни видови моторни возила.

На ваквите информации досега реагираше проруската партија „Единствена Македонија“, според која, во заднина, „оваа воена вежба на македонската армија со учество на војници и од Албанија, всушност, има за цел обука и подготовка за војување за интересите на Косово при евентуален судир меѓу Србија и Косово”.

„Марионетската влада на Зоран Заев донела одлука во рамките на воената вежба ‘Одлучен удар’ во Криволак, меѓу останатите војници на НАТО да има и војници од Република Албанија“, Со тоа, според оваа партија, „Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, без никакви емоции, всушност, ги најавија првите жртви во војната со Русија, оти на сите им е јасно дека при евенуалниот косовско-српски судир, ќе следи замешување на Русија и НАТО”, ссопшти „Единствена Македонија“

Партијата во денешното соопштение тврди и дека ќе „го оствари историскиот стратешки сојуз со Русија, со што за навек се обезбедува опстанокот и просперитетот на македонскиот народ и македонската држава”. Партијата им порачува на припадниците на македонската Армија да бидат спокојни, и им ветува дека „Новата легална власт на ‘Единствена Македонија’ која доаѓа, ќе ја спречи оваа налудничава идеја на марионетската власт во Скопје и нема да дозволи македонски војници во рамките на НАТО да гинат за туѓи цели и да војуваат за албанските интереси против Србија и Русија“.

„Одлучен удар“ сепак, се подготвува веќе подолг период. Од 1 до 5 април, се одржа финалната планирачка конференција за вежбата, на која покрај македонските армиски припадници на Директоратот на вежбата од Здружената оперативна команда (ЗОК), учествувале и претставници од вооружените сили на САД, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Литванија, и бил финализиран планот за вежбата, детализирана програмата за Денот на високи гости, искоординиран планот за медиумско покривање на сите активности, дефинирана реалната логистичка поддршка и финализирани активностите од цивилно-воената соработка...

Минатата година, на 12 декември, во Генералштабот на АРМ се одржала средба меѓу началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и заменикот командант за прашања на националната гарда на копнените сили на САД за Европа, генерал-мајор Џон Гронски, на која покрај за меѓусебната соработка на АРМ и Командата на копнените сили на САД за Европа (УСАРЕУР), се разговарало и за заедничкото учество во вежбата „Одлучен удар“

Уште во периодот од 15 до 19 септември 2018 година, во Центарот за обука „Пепелиште“, како и на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, се одржала иницијалната планирачка конференција за вежбата „Одлучен удар“, за во ноември 2018, да се одржи и работилницата за изработка на планот за вежбата.