Игор Атанасов, Македонец кој живее во Израел, вели дека ситуацијата таму моментално е стабилна, откако се смирила паниката од денот на нападот на Иран.
„Израелскиот народ, испаничен, по маркети купуваше залихи од храна и вода. Сериозно ја сфатија ситуацијата со Иран, бидејќи Иран е еден од најтешките противници на Израел. Израелците со кои сум јас во комуникација ми го кажаа тоа“, вели Атанасов за Гласот на Америка.
Тој е еден од малкуте Македонци што останале во Израел по 7-ми октомври, кога припадници на Хамас се инфилтрирале од Газа и нападнале цивили. Овие напади консеквентно ја започнаа тековната војна меѓу Израел и Хамас.
Во Израел во моментов престојува и Гоце Стојановски, студент на магистерски студии на тамошен универзитет. Тој живее во Хаифа, град на 70 километри од Либан, што не бил цел на напади, но, вели, „опасноста се чувствувала насекаде“.