СКОПЈЕ – Цените растат а минималната плата останува иста иако секаде во регионот таа се зголемува и затоа државата ризикува да се соочи со повторен егзодус на работниците, предупредуваат од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму нагласија дека очекуваат ветувањето на Владата за зголемување на минималната плата во првите сто дена да се исполни, да се укине зголемувањето од 78 отсто на функционерските плати и да се ревидира пресудата за одземање на зградата.
Your browser doesn’t support HTML5
Минималната синдикална кошничка од почетокот на годинава е потешка за четири илјади и шестотини денари, минималните плати во регионот растат и Македонија се соочува со повторен егзодус на работниците доколку минималната плата не се покачи, велат од ССМ. Очекуваат средба со премиерот Мицкоски по ова прашање.
„Близу 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата. Девет илјади работници примаат плата од еден денар до 22.576 денари што не само што не е законски и не е хумано туку е и кривично дело да го прави некој работодавач. Од таа причина сметам дека 35 илјади работници заслужуваат зголемување на нивните плати апропо на тоа и сите останати работници. Борбата за минимална плата е ниту еден работник да не биде на минималната плата туку да биде основа под која не смее да се исплаќа плата во државата“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Според податоците на ССМ државите од регионот веќе ги покачија минималните плати кои сега изнесуваат од 500 до 800 евра, а проекциите се дека растот на просечната плата во март следната година ќе биде 15 отсто. Синдикатот потсети дека барањето за укинување на 78 отсто повисоки плати сеуште седи во нечија фиока.
„Работниците нема да бидат задоволни кога гледаат дека функционерите уживаат во 78 проценти повисоки плати и не гледаат причина да ги намалат а доколку ги намалеле ќе си дале оставка од функцијата која ја извршуваат“, изјави Трендафилов.
Од ССМ соопштија дека во идниот период ќе се бара итно потпишување на Општ колективен договор во приватниот сектор, потпишување на анексите за нови Колективни договори согласно Општиот во јавниот сектор, раст на минималната плата и поддршка на синдикатите во нивните барања за зголемување на платите.
„Наш партнер е Организацијата на работодавачи. Стопанската комора нема никаква улога во преговорите со Синдикатите и работниците бидејќи тие се најголемите виновници за егзодусот на работниците во последните 30 години. Да ги бркате работниците од Македонија во последните 30 години и денес да носите работници од Непал кои повторно ви бегаат од државата, треба да ви удри во главата дека политиките не ви се добри а барате уште и кратење на работничките права. Податоците велат дека 250 милини евра годишно работодавачите го оштетуваат Буџетот на државата бидејќи не уплаќаат придонеси и делат плата во пликоа“, дециден е Трендафилов.
ССМ денес одбележа 78 години постоење, а одлуката за формирање е донесена во паркот зад сегашниот дом на ССМ зградата која по судски пат беше одземена и Синдикатот се бори да ја задржи. Тие апелираа да се ревидира пресудата и прстот го вперија во сега екс врховниот судија Наке Георгиев кој е осуден на три години затвор за примање мито како еден од судиите кои ја донесоа пресудата.
Минималната кошница само за месец дена се зголеми за 629 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. За да го преживее месец август едно четиричлено семејство потребни му се 61.199 денари, а доколку имаат изнајмено стан сумата се зголемува на 76.574 денари. Тоа значи дека со две минимални плати дупката во семејниот буџет изнесува 16 односно 31 илјада денари. Според пресметките најмногу од средствата - 22.317 денари се за храна и пијалаци, а потоа следуваат облека, сметки и образование.