Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: „Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа“

11 Октомври Ден на народното востание

СКОПЈЕ – Со положување на цвеќе, свечена академија и доделување на традиционалните награди „11 Октомври“ државно политичкиот врв го одбележа Денот на народното востание – 11 Октомври. Во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа свечена академија, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање порача дека 11 Октомври е денот кога македонскиот народ без колебање ја има избрано вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, и како што рече „неслучајно македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години“.

„Нас никој не нè ослободи, сами се ослободивме со помош на над 110 илјади Народно-ослободителна војска за Македонија. Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа. За нас антифашистичката беше и истовремено и Народно-ослободителна војна, во која дадовме 24.000 жртви, затоа ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народно ослободителната и антифашистичката борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели, врз кои е изградена македонската држава“, рече претседателката Силјановска Давкова.

Премиерот Христијан Мицкоски по повод „11 Октомври“ порача дека народниот дух на пркос и непокор кој беше демонстриран на тој 11 Октомври трае и ден денес, тој е движечка сила за промени и подобро утро.

„Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија. Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард. Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет“, порача премиерот Мицкоски.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека борбата на партизаните ние како генерација мора да ја продолжиме и повика на обединување на сите граѓани во Северна Македонија.

„На овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската и беспоштедната борба на борците за слобода на нашата држава. Без оглед на влогот, пречките и тешкотиите на кои наидуваа во нивната борба, тие опстоија и се изборија за слободата во која живееме денес. На нас како нова генерација политичари е да ја продолжиме праведната борба – денес се бориме за подобри стандарди, за просперитет, за европска иднина на Република Северна Македонија. Во денешната борба може да успееме само ако сме сплотени, здружени и единствени. Честитајќи ви го 11 Октомври, повторно повикувам на обединување на сите граѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите други, да се обединиме и да ја добиеме битката за подобро утре за сите нас“, стои во честитката на спикерот Гаши.

Во своето обраќање по повод празникот „11 Октомври“ претседателот на најгоемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, истакна дека историските вредности од 11 Октомври се патоказа за иднината и нагласи дека историјата и идеалите на партизаните остануваат врежани во корените на нацијата.

„Пред 83 години, македонскиот народ, заедно со нашите сограѓани од сите етнички заедници, направи историски исчекор во борбата за слобода и сопствена држава. Македонските партизани предводеа движење кое прерасна во општонародна борба и создаде силна македонска војска. Нашите корени се во храбрата борба на партизаните, а нивното наследство и денес ги обликува нашите вредности. Денес се бориме за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија, со силна поддршка од нашите европски сојузници“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ го критикуваше актуелното владино раководство, оценувајќи дека тоа е првата македонска влада што свесно се откажува од европската иднина на земјата.

Државната награда „11 Октомври“ оваа година им е доделена на актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник Љупчо-Бубо Каров и на фолклористот Марко Китевски. Темков, Каров и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф. -д-р Китевски, кој е истражувач на македонскиот фолклор, во областа на науката.

Наградата „11 Октомври“ е највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во други дејности од јавен интерес на Македонија.

По повод државниот празник, повеќе здруженија, граѓани, владини и собраниски делегации, државни институции, претставници од амбасади, установи и политички партии положија цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.