Сиљановска Давкова: Не ги коментирам предупредувањата од Мицотакис

Your browser doesn’t support HTML5

Силјановска Давкова не ги коментира предупредувањата од Мицотакис

„Не коментирам пораки на господинот Мицотакис“, рече денеска претседателката на Северна Македонија Сиљановска Давкова на настан по повод одбележување на Денот на Европа – 9 Мај. Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење организираа панел дискусијата: „ЕУ како предизвик и предизвиците на ЕУ"

Шефицата на државата не сака да ги коментира предупредувањата од Грција до што може да доведе нејзиното, а и одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ – партијата победник на изборите, да го изговара уставното име не земјата, нешто што Атина го смета за кршење на Преспанскиот договор. Откако Гордана Сиљановска-Давкова ја презеде должноста, грчките власти, пред се премиерот Мицотакис, во неколку наврати јасно порачаа дека „Северна Македонија е име за севкупна употреба, дека новата влада тоа мора да го почитува“ и дека прашањето, доколку нешто не се промени, ќе го отвори и на претстојниот самит на НАТО.

„Јас не коментирам пораки на господинот Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување, па до обраќање до Генералниот секретар на Обединетите нации. Постои и можност за покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата, чија пресуда соседот Грција не ја почитуваше. Тоа е механизам што постои. Јас не можам да го спречам во тоа. Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека е тоа во духот на развивањето на пријателските односи. Мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да фрлиме поглед врз културната дипломатија каде на поинаков начин ги решаваат проблемите. Сметам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме и по малку да бидеме скандинавци“, изјави претседателката на Република Северна Македонија Гордана Силјановска Давкова.

Дел од пристуните амбасадори кои го следеа нејзиното обраќање и нејиниот одговор на новинарското прашање за пораките од Атина, потсетија дека „компромис“ е еден од клучните зборови во Европската Унија и дека земјава, засега, не се соочува со ново вето...

„Европа се состои од компромиси, тие се важна основа на ЕУ. Во сегашната состојба на пристапување кон ЕУ нема вето за вашата земја. Земјите-членки се согласни дека треба да се почне со преговори. Треба да најдеме начин како да постигнеме решение во рамките на Европа“, рече амбасадорката на Германија Петра Дрекслер.

Токму за европската иднина се разговараше на денешната дебата – едно од прашањата е што може, на овој план, да се очекува од идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека ова е една генерациска битка за да ги потврдиме вредностите кои декларативно ги кажувавме во минатото, а за жал не носеа во пракс аништо опипливо, и тоа ќе го постигнеме само ако испорачуваме за она за што тие гласале на изборите – реформи, борба против корупцијата“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

„Очекувам дека сега, при креирањето на владата како први точки ќе ги видам тие од Концептот кој победи на изборите – околу Преспанскиот договор, околу договорот со Бугарија, околу преговарачката рамка. Концептот е дека овие договори треба да се променат“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.

Наскоро ќе се видат политиките на новиот владин кабинет во делот на ЕУ, кој според партиски проценки, треба да стапи на должност до 20 јуни.