Политичка игра за привлекување гласачи од која може да страдаат меѓусоседските односи и европската иднина. Така грчкиот новинар, аналитичар и познавач на балканските состојби, Спирос Сидерис ги толкува новите случувања околу Преспанскиот договор.
„Ако на Нова Демократија не ѝ се допаѓа договорот од Преспа. Исто и на ВМРО-ДПМНЕ. Ако почнат (преговори) за нов договор, кој од другата страна ќе прифати ново име? Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ, сака само „Република Македонија“, а од друга страна, Нова демократија, не сака да стои „Македонија“ во името на земјата. Можат ли тие да најдат решение за тоа? Секако дека не“, вели Сидерис.
Новинарот е категоричен дека се работи за „политичка игра и ништо друго. Тоа е всушност, штетна политика“.
Во разговор за Гласот на Америка, Сидерис ги објаснува сегашните состојби во Грција и темите за кои најмногу се интересира тамошната јавност.
„Грција е втората земја во ЕУ со најнизок приход по глава на жител и основниот опстанок е главниот проблем (за граѓаните). Преспанскиот договор и случувањата околу него, не се главниот проблем“, вели тој.
За Преспанскиот договор, кој беше потпишан пред шест години, сè помалку се зборувало во грчката јавност. Во таа насока се однесувала и тамошната владејачка Нова демократија, која воедно избегна во грчкиот парламент да ги стави на гласање меморандумите од Договорот.
„Кирјакос Мицотакис (премиерот) се обидува уште од 2019 да го крие Договорот, да се заборави, за да избегне проблеми со екстремната десница во неговата партија. Како резултат на тоа, договорот не се спомнуваше и луѓето заборавија на ветувањата од Нова Демократија дека ќе го укинат договорот“, нагласува Сидерис.
Избегнувањето на терминот северна, при заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, им дало повод на националистичките политички струи во Грција повторно да се разбудат.
„Тоа доведе до тоа, граѓаните да се разбудат едно утро во кое новата претседателка на соседната земја, Северна Македонија да ја именува само Македонија. Очекуваните националистички гласови се побројни од оние граѓани кои го прифаќаат Преспанскиот договор“, вели Сидерис.
Дополнителна причина за вжештување на прашањето околу Договорот од Преспа во Грција се и тамошните претстојни избори за Европскиот парламент, што треба да се одржат на 9 јуни. Според објаснувањето на Сидерис, тие избори би покажале каква е настроеноста на грчките граѓани кон Нова демократија, која е гласен противник на Преспанскиот договор.
„ Двајцата, Кирјакос Мицотакис (Нова Демократија) и Стефанос Каселакис (СИРИЗА) изјавија дека резултатите од изборите ќе бидат глас за доверба или недоверба кон владата. Тоа им дава одлика на национални избори. Дебатата за договорот од Преспа е плодна почва за Грција. Нова Демократија гледа дека ги губи гласовите, од десницата и и ја засилува националистичката реторика за да ги придобие повторно. Со зголемување на националистичката реторика и со упатувањето закани кон Северна Македонија може да ги привлече националистичките гласови“, вели новинарот.
Заканите за вето од грчка страна засега се само зборови, смета Сидерис. Но, не ја исклучува можноста за тоа и навистина да се случи.
„Секако, ветото стои на маса. Повеќе вербално, отколку во пракса. Тоа е оружје што грчката политика го има за Северна Македонија да ја држи до имплементација на договорот. Вето од грчка страна, може да предизвика проблеми во европскиот пат на Северна Македонија, и еден од најголемите проблеми за Скопје, отсекување од европските фондови“, укажува Сидерис.
Додава дека грчките власти ќе следат како ќе помине заклетвата на новата македонска влада. Смета дека се можни повторно реакции, доколку биде изоставена придавката „северна“. Но, додава дека официјалните документи се многу позначајни, отколку од тоа што ќе биде изговорено.