Шумскиот пожар близу Атина разгорен поради силните ветрови

Авион гаси шумски пожар во близина на градот Коропи, Грција, 19 јуни 2024 година.

АТИНА – Грчки пожарникари и авиони денеска се борат со пожарот во градот Коропи, на 30 километри јужно од Атина, додека силните ветрови ги разгореа пламените јазици и ги принудија жителите да ги напуштат своите домови и бизниси.

Сообраќајот беше прекинат по главниот автопат што го поврзува Коропи со предградијата на Атина. Едно складиште гореше, а пламенот навлезе во пристаништето за бродови и низ полињата со сува трева и дрвја, покажаа сликите на локална телевизија.

Нема извештаи за загинати или повредени, изјави за Ројтерс претставник на противпожарната служба. Цивилната заштита и властите евакуирале две околни села.

„Денес е многу тежок ден. Имаме нов пожар што избувнува на секои 10 минути“, рече портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракогијанис.

Шумските пожари се вообичаени, но тие станаа поразорни бидејќи летата станаа потопли и суви, а тоа научниците го поврзуваат со климатските промени.

Вчера повеќе од 40 пожари избувнаа низ целата држава, соопшти противпожарната служба.

Засега не е јасно што го предизвикало пожарот денеска. Четири противпожарни авиони, шест хеликоптери, десетици противпожарни возила и повеќе од 50 пожарникари се испратени на местото на настанот, изјави претставникот на противпожарната служба.

Во поголемиот дел од областа на Атина нема дожд со недели, со што големи површини се суви. Волонтери и професионални пожарникари влечеа црева преку полиња на топлина од 35 целзиусови степени.

„Го спасив мојот дом во последен момент. Се се случи набрзина“, рече за локалниот ТВ Канал Скај жител чие лице беше поцрнето од чад.

Откако шумските пожари минатата година принудија 19 000 луѓе да го напуштат островот Родос, а 20 загинаа на северот, Грција годинава ги зголеми подготовките со ангажирање повеќе персонал и зголемена обука.