Штрајкот во ФЗОМ продолжува, граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат

Граѓаните не можат да ги обезбедат документите и потврдите неопходни за хируршки зафати, лекување, ин витро, медицински помагала. Вработените во ФЗОМ бараат Владата да ја повлече одлуката за намалување на платите за 21 отсто и да им се исплати јануарската плата. Решение засега на повидок нема.

СКОПЈЕ – „Ве молам, ова се документи за ин витро, само да ги оставам па кога ќе заврши штрајкот нека ги разгледаат“. Вака една жена од Скопје се обидуваше да го замоли вработениот од обезбедувањето во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во центарот на Скопје да ги прими нејзините документи. Меѓутоа тоа не се случи.

„Ова се документи за помагало. Станува збор за старо и неподвижно лице. Не можам да го изнесам од дома. Знам дека има штрајк но што да правам. Дајте ми решение“, објаснуваше друга жена пред вратата на ФЗОМ.

Десетици граѓани денеска не може да ги добијат услугите на Фондот за здравство во подрачната единица во Скопје поради штрајкот кој почна вчера а кој е поради препораката на Владата да им се намалат платите на вработените за 21 отсто. Осигурување, потпис, печат, електронска потврда во системот за да може да се спроведе операција или крупен медицински зафат и процедура. Ова се само дел од услугите кои денеска не им беа испорачани на осигурениците.

Вчера Синдикатот најави дека се додека трае штрајкот ќе се работи на регулирање на здравствено осигурување кај хоспитализирани лица доколку нема осигурување, дополнително итните случаи за лекување во странство кај централната служба и лекарските комисии што даваат наод оценка и мислење за одредени прашања како боледување продолжуваат со работа. Рецепти и упати ќе се издаваат но буџетски пари за јавното и јавното приватно здравство нема да се исплаќаат а истото важи и за исплатите за породилно отсуство, за боледување и за капитација

Вработените во Фондот сеуште чекаат на исплата на јануарската плата. Дали таа ќе иста како и декемвриската или пак намалена како што предложи Владата зависи од Управниот одбор во Фондот. Она што е јасно е дека платата законски мора да биде исплатена до 15 овој месец бидејќи во спротив државата ќе се соочи со тужба а доколку Управниот одбор не донесе никаква одлука тогаш важи таа што е на сила односно ќе биде исплатена платата во износ како и декемвриската.

Раководителите на подрачните единици вчера ги поддржаа вработените а денеска тоа го стори и министерот за здравство Фатмир Меџити

Од Синдикатот со официјално писмо побараа од техничкиот премиер Талат Џафери на дневниот ред на седница на Владата да постави точка околу нивните барања и да ја повлечат препораката за намалување на платите.