На 10-годишнината од стартот на Берлинскиот процес, очекувањата на дел од најмоќните земји членки на ЕУ се дека на земјите од Западен Балкан нема да им треба уште една деценија за да станат дел од Унијата.
Десет години по почетокот на иницијативата која има за цел забрзување и олеснување на приемот на „западнобалканската шесторка“ во европското семејство дојдоа уверувања дека нема отстапувања од утврдениот пат, но и истовремено пораки до политичките елити во регионот дека мора да ги динамизираат реформите, да работат на намалување на тензиите, на нормализирање на односите, и на развивање на вистинско добрососедство.
„Гледаме наназад 10 години од Берлинскиот процес како успешна приказна. Решен сум да продолжам да ја пишувам таа приказна за успех и се надевам дека нема да требаат уште 10 години за сите 6 земји да станат членки на ЕУ. Овие земји кои аспирираат да станат земји-членки не треба да го закочуваат процесот поради билатерални прашања кои треба да бидат билатерални, а процесот на пристапување е според постигнувањата. Многу инвестиравме за да обезбедиме сите земји од регионот да станат дел од Унијата“, вели Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Your browser doesn’t support HTML5
Пораката која врвот на Унијата ја испрати денеска од Берлин е дека сега моментот е поинаков од оној од пред 10 години и дека тоа регионот на Западен Балкан треба да го искористи.
„Не беше вака пред 10 години, но сега проширувањето е на врвот на нашата агенда. Кога гледаме кон иднината ги гледаме сите 6 земји од Западен Балкан се дел од ЕУ. За таму да стигнеме треба да учиме од искуствата од проширувањето од 2004 година. Првиот услов е прифаќање на нашите суштински вредности – демократија и почитување на владеењето на правото. Вториот услов е рана економска интеграција и тука Берлинскиот процес ја игра улогата, како промотор на заеднички пазар меѓу шесте земји“, вели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Германскиот канцелар Шолц изјави дека ЕУ не е целосна без државите од Западен Балкан. Европската Унија мора да ги поддржи државите кои покажуваат зрелост, одлучност и соработка за заедничката цел. Македонија прави многу на овој план“, напиша на Фејсбук премиерот Мицкоски кој ја предводеше делегацијата во Берлин.
Не прецизираше дали на средбите зборувал за иницијативата која тој ја турка – уставни измени со одложено дејство како начин за деблокирање на пристапниот процес кој резултираше со напредување на Албанија и нова чекална за земјава.
„Зборувавме и за фрустрацијата која постои и во државата и во регионот од билатерализацијата на процесот на прошрување“, рече министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Утре во Луксембург, Албанија ќе го отвори првиот преговарачки кластер – темелни вредности.
Северна Македонија не, потребни се уставни измени за вметнување на Бугарите за Скопје да го фати чекорот со Тирана.