Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека е шокиран од реакциите од Србија по неговата изјава дека земјава, заедно со уште 16 други држави, ќе биде коспонзор на резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница.
„Што зборуваме, дали се слушаме што зборуваме? Осудуваме геноцид – убиство на 8 000 цивили во еден ден, зарем за тоа ќе правиме дебата во земјава дали тоа треба да се осуди или не“, изјави Османи.
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, вчера рече дека претседателот Пендаровски не знаел оти Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница и праша дали Бујар Османи зборува во името на цела Македонија, македонскиот или албанскиот народ.
Your browser doesn’t support HTML5
„Јас сум шокиран од реакциите – тоа е како Германија да реагира зашто ние го осудуваме тоа што се случило во Холокаустот. Што зборуваме, дали се слушаме што зборваме? Осудуваме геноцид – убиство на 8 000 цивили во еден ден, зарем за тоа ќе правиме дебата во земјава дали тоа треба да се осуди или не. Јас сум шокиран. Очекував Србија прва да гласа за од себе да го отстрани тоа бреме, не смееме да дозволиме да имаме за тоа прашање. Зар ние како држава се` уште имаме дилеми дали ќе осудиме геноцид или не, тоа не е прашање на односи“.
Министерот Дачиќ праша зошто баш ние застануваме зад ваква резолуција?
„Зашто ние сме држава која промовира толеранција, меѓуетничка хармонија, па ние сме пример во регионот и пошироко што значи заедно да живееме и работиме. Секаде каде има судска одлука ние тоа ќе го осудиме. За Сребреница има одлука на Меѓународниот суд на правдата кој вели дека таму се случил геноцид. Нема разговор после тоа“, рече Османи.