Секретарот за ветерански прашања Ерик Шинсеки даде оставка

A woman holds a baby wearing a white skull cap, at the end of Pope Francis' weekly general audience, in St. Peter's Square, at the Vatican.

Откако владина истрага утврди широкораспространети недостатоци во системот за здравствена заштита на воените ветерани.
Американскиот претседател Барака Обама ја прифати оставката на членот на владиниот кабинет, секретарот за ветерански прашања Ерик Шинсеки, откако владина истрага утврди широкораспространети недостатоци во системот за здравствена заштита за воените ветерани.

Обама по средбата со Шинсеки во Белата куќа соопшти дека тој самиот донел одлука да поднесе оставка, бидејќи не сакал да го одвлекува вниманието од натамошната истрага. Тој кажа и дека се согласил со таквата проценка на Шинсеки и дека ја прифатил оставката на одликуваниот воен ветеран, иако со големо жалење.

Претседателот информираше и дека подоцна се сретнал со Слоан Гибсон, поранешниот заменик на Шинсеки, кој ќе биде вршител на должноста секретар за ветерански прашања, порачувајќи му дека „реформите не треба да чекаат“.

Обама беше под растечки политички притисок да го отпушти Шинсеки, кој е пензиониран генерал со четири ѕвездички, откако во јавноста се појави веста дека воените ветерани морале со месеци да чекаат за да бидат примени кај лекар, како и дека бирократите го сокривале проблемот.

Обама денес кажа дека владиниот Оддел за ветерански прашања треба веднаш да постапи за да ги исправи грешките во третманот на воените ветерани.

Пред средбата во Белата куќа, Шинсеки во обраќање пред група воени ветерани се извини за пропустите. Преземајќи одговорност за ситуацијата, тој кажа дека во прво време наликувало дека се работи за изолирани проблеми, но дека подоцна било утврдено дека „Одделот за ветерански прашања покажал системски, целосно неприфатлив недостаток на интегритет во некои здравствени установи за воените ветерани“. Тој рече и дека ќе бидат отстранети првите лица на болницата за воените ветерани во Феникс, сојузната држава Аризона, од каде и започна скандалот, како и дека ги укинал зголемувањата на платите за виши официјални лица.