Шест лица осомничени за дел од пожарите во Северна Македонија

АРХИВА - Пожарникар покрај шумски пожар во близина на Штип, Северна Македонија, 31 јули 2024 година.

Од пожарите уништени се дабови и борови шуми, а во налетот на огнот многу веројатно е дека се угинати голем број животни пред сѐ влекачи, водоземци, птици и помали цицачи, вели екологистот Ѓоко Зороски

Додека македонските шуми горат, а пожарите сѐ уште беснеат низ територијата на цела држава, дека дел од нив се намерно подметнати говори и податокот на Министерството за внатрешни работи, од каде за Глас на Америка велат дека од почетокот на воспоставување на оперативната акција „Пожар 2024“, од 17.07.2024 година, поднесени се вкупно три кривични пријави и едно известување против четири сторители, додека во два случаи тече постапката за поднесување пријава.

„Поднесена е кривична пријава од ОВР Свети Николе, против лице од Свети Николе за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. СВР Велес лиши од слобода две лица и против нив поднесе две кривични пријави за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност. ОВР Радовиш поднесе известување до ОЈО Радовиш против лице од село. Конче за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, велат од МВР.

СВР Струмица пак лиши од слобода едно лице во врска со пријавен пожар на 30.07.2024 година, на месноста „Депонија“ во близина на село Али Коч, радовишко, кое го признало делото и против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „предизвикување шумски пожар“. На 05.08.2024 година полициски службеници ОВР Прилеп од слобода лишиле едно лице поради сомнение дека предизвикало пожар. „По целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев неодамна изјави дека ќе бидат ангажирани сите расположливи дронови кои ќе бидат во функција 24 часа заедно со термалните камери, со цел откривање на сторителите - подметнувачи на пожари.

И Црвениот крст преку своите мобилните тимови е вклучен во логистичка поддршка на екипите, институциите и граѓаните ангажирани за гаснење на пожарот. Во текот на вчерашниот ден доставeена е хуманитарна помош - храна, средства за хигиена, душеци, ќебиња и вода за потребите на настраданото население зафатено од пожарите, и тоа за 40 семејства од неколку села во Свети Николе и девет семејства од село Брезница, Македонски Брод. Досега се дистриубуирани вкупно 200 паклети со храна и 200 со хигиена, 20 тони вода за силите кои гаснат во зафатените региони со пожари. Поставени се и системи за полнење на хеликоптерите со вода за да се скрати времето на гаснење на пожар со вкупен капацитети од 8 000 литри со можност за постојано надоплнување. Црвениот крст отвори и СОС телефонски линии за психолошка прва помош за настраданото население од пожарите. Хуманитарен пункт за собирање помош за настраданите отвори и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Во пожарите покрај тоа што настрадаа педесеттина куќи и имоти на жители, на удар е и флората и фауната во шумите и планините. Членовите на Доброволното противпожарно друштво од Кочани успеаа да спасат дехидрирана и дезиориентирана птица од загрозениот вид, источноевропски царски орел на планината Пониква.

Источноевропски царски орел, птица на листата на загрозени птици во Европа, пронајден на кров од викендица на Поинаква, Општина Кочани, добива третман во ветеринарна амбуланта, 6 август 2024 година, во Кочани, Северна Македонија.

„Орелот се наоѓаше во дезориентирана состојба, изнемоштен и неподвижен, најверојатно како резултат на пожарите кои ги зафатија Осоговските планини. Нашите членови повикаа ветеринар. Му се даде соодветна терапија и веќе е тарнспортиран во зоолошката градина во Скопје“, рекоа од Доброволно противпожарно друштво-Кочани.

Оттаму велат дека природните живеалишта на овие птици се уништени. И екологистите предупредуваат на катастрофалните последици кои пожарите ги имаат врз живиот свет.

Ѓоко Зороски, екологист

„Пожарите кои уништија стотици хектари површини под шума имаат големи последици по биолошката разновидност. Пред сѐ уништени се квалитетни дабови и борови шуми со добар склоп, а во налетот на огнот многу веројатно е дека се угинати голем број животни пред сѐ од влекачите, водоземците, птиците и помалите цицачи. Најмногу страдаат желките, змиите и птиците кои имаат бројни гнезда во овој период. Ова е период кога крупните цицачи, како срните, мечките, волците имаат младенчиња и се особено ранливи, а пожарите им го стеснуваат хабитатот и ги тера да мигрираат подалеку“, изјави екологоистот Ѓоко Зороски.

Денеска се регистрирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои моментално седум се активни, шест се под контрола, а три се изгаснати.