Шест години од Преспанскиот договор - влез во НАТО, но не и во ЕУ

Тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев гледаат како министрите за надворешни работи на двете земји Никос Коѕијас и Никола Димитров потпишуваат договор за новото име на Македонија во селото Псарадес, Преспа, 17 јуни 2018 година.

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор во селото Нивици со кој се затвори дваесет и петгодишниот спор со Грција, сѐ уште има обврски кај двете држави кои треба да се имплементираат, а договорот сѐ уште предизвикува тензии меѓу Северна Македонија и Грција

СКОПЈЕ - „Договорот од Преспа е жив доказ дека и најтешките спорови можат да се решат кога лидерите го даваат приоритетот на поголемото добро пред сè. Тоа го одбележа историскиот момент кога конфликтот беше трансформиран во соработка со визија за хармонична иднина“, напиша поранешниот премиер Зоран Заев на социјалната мрежа „Фејсбук“ по повод 6 години од потпишувањето на Преспанскиот договор на стартот на дводневната меѓународна конференција за мир и одржлив развој во Атина, во организација на „Фондацијата Заев – едно општество за сите“ и Институтот Алексис Ципрас.

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор во селото Нивици со кој се затвори дваесет и петгодишниот спор со Грција, се уште има обврски кај двете држави кои треба да се имплементираат а договорот се уште предизвикува тензии меѓу Северна Македонија и Грција.

На 17 јуни 2018 година свој потпис на Договорот од Преспа ставија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а до нив стоеја тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. Првите честитки дојдоа од посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан и поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини кои беа присутни на потпишувањето на договорот. Преспанскиот договор официјално стапи на сила на 12 февруари 2019 година.

Согласно договорот, Република Македонија го смени Уставот и името, стана Република Северна Македонија и беше примена како триесетта членка во НАТО Алијансата но приемот во ЕУ изостана пред се поради новонастанатата ситуација со другиот сосед – Бугарија.

Северна Македонија исполни голем дел од обврските од договорот, покрај промената на името и Уставот, ги смени имињата на државните институции и министерствата, како и личните и патните документи а останува измена на два закони во Собранието и преименување на уште две државни институции - МАНУ и Македонската радио-телевизија (МРТ).

На официјална Атина и останува ратификација на трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година и доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година. Овие меморандуми минатиот месец по втор пат опозициската СИРИЗА ги достави на усвојување. Останува и промената на сообраќајните табли во северна Грција.

Договорот извесно време ги смири тензиите меѓу Скопје и Атина но тие повторно се појавија по инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска Давкова во Собранието каде го користеше старото име на државата а идниот мандатар Христијан Мицкоски го дели ставот на претседателката дека го почитува договорот од Преспа но има лично право како да ја нарекуваат државата а на тоа реагираше официјална Атина барајќи да се користи новото име на државата.