Директор на маркетиншка компанија обвинет за сексуална трговија

Полицијата во Тексас го уапси извршниот директор на интернет страницата Backpage.com и изврши претрес во канцелариите на компанијата по обвинението за проституција и сексуална трговија

Карл Ферер беше уапсен по налог за апсење издаден од сојузната држава Калифорнија, веднаш по пристигнувањето во Хјустон, Тексас на лет од Амстердам. Јавниот обвинител на Калифорнија, Камала Харис го обвини Ферер и неговите партнери за воспоставување на „глобален бордел“ и за помагање на криминалци кои го користеле веб сајтот за рекламирање на проституција.

„Профитирајќи милиони долари од трговија и експлоатација на ранливи жртви е подмолно, ниско и незаконско, стои во соопштението на Харис.

Backpage.com пред се се` користи за рекламирање на „придружба“, но исто така за рекламирање и на производи, сервиси и работни места.

Во даночниот извештај добиен од канцеларијата на јавниот обвинител стои дека Backpage.com, 99 проценти од профитот стекнат помеѓу јануари 2013 и март 2015 бил направен од рекламирање на сервис за „возрасни.“ За тоа време, компанијата заработила околу 51 милиони долари само во сојузната држава Калифорнија.

Обвиненијата се случија по три годишна истрага, во која Одделот за правда на Калифорнија користел тајни агенти за да организира состаноци со лицата кои рекламираат „придружба“ за да потврдат дека состаноците всушност биле за продажба на сексуални услуги.