Северна Македонија повторно на „црн список“ од Москва

Your browser doesn’t support HTML5

На уште еден „црн список“ на официјална Москва, се најде Северна Македонија, заедно со уште 47 други држави, поради т.н „деструктивни ставови кои се во спротивност со руските духовни и морални вредности“. Домашни аналитичари не се изненадени од таа политика на Кремљ. Автор: Мики Трајковски

Северна Македонија неодамна се најде на уште еден „црн список“ на официјална Москва, заедно со уште 47 други држави, поради наметнување на т.н „деструктивни ставови кои се во спротивност со руските духовни и морални вредности“. Станува збор за истите оние земји, кои Кремљ ги прогласи за непријателски уште пред две години. Тоа се сите членки на НАТО и ЕУ, со исклучок на Турција, Унгарија и Словачка.

„Станува збор за еден список со кој Русите, сакаат да ги заштита своите вредности, своите духовни и морални вредности, за разлика од западот, кој ги прокламира своите вредности според нивните видувања. Ова за Македонија нема да значи ништо, затоа што Македонија е веќе определена евро-атлански и таа се определила за тие вредности. И кај нас нема да се почуствуваат никакви последици од ова“, вели Мирче Адамчевски, новинар и аналитичар.

„Руската Федерација има сериозно право и аргументи Македонија да ја стави на таа листа и тоа има сериозни рефлексии на македонското опстојување“, додава Ристо Никовски, поранешен амбасадор во Москва.

Никовски, смета дека земјата трпи сериозни негативни последици поради своите политики кон Руската Федерација. Како пример го посочува намалувањето на трговската размена и прекинатиот извоз на македонски земјоделски производи на рускиот пазар.

„Во такви ситуации кога една мала и сиромашна земја води политика која е на нејзина штета во интерес на некакви заеднички интереси, треба да се најде компензација на штетите“, смета Никовски и додава дека земјата мора да води пофлексибилна надворешна политика, да ги почитува меѓународните норми и интереси, но да се грижи и за сопствените интереси.

„Мислам дека не е во ред Македонија да биде меѓу најголемите дарители по жител на воена помош на Украина иако во принцип секоја агресија мора да се осуди“, вели Никовски.

Според Адамчевски, пак, кој важи за добар познавач на македонско-руските односи, влијанието на Москва во регионот на Западен Балкан, па и во Северна Македонија е сè помало.

„Мојот став е дека Русија го изгуби Балканот уште во 90-те години во времето на Борис Елцин. Сите се определивме за Западот. Од тогаш па наваму Русија можеби се обидува. Но 2017 година кога беа протестите, кога се менуваше, Владата на Груевски имаше руска пропаганда и обиди за руско влијание во Македонија, но оттогаш па наваму отворено руско влијание нема“, вели Адамчевски.

Додава дека руското влијание е најочигледно во Србија, која е многу зависна од Русија.

„Се случува од Србија, ако има некои пропагандни материјали или ако има нешто што се однесува на Македонија, тогаш нашите портали некритички ги преземаат тие работи и излегува дека пропагандата е и во Македонија“, посочува Адамчевски.

Тој смета дека и во Бугарија но и во Црна Гора полека но сигурно се затвара вентилот за руско влијание.