Северна Македонија е подготвена да прифати на лекување украински војници, рече Петровска.

Министерка за одбрана, Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска не ја исклучува можноста ранети украински војници да се лекуваат во македонските болници. Но, вели дека за ваквата идеја се уште не е разговарано на седница на влада. За идејата на украинскиот претседател Зеленски, претседателот Стево Пендаровски разговарал на самитот Украина - Западен Балкан, кој неодамна се одржа во Украина.

„Имајќи го во предвид искуството кое како министерство за одбрана и како армија го имаме со тренинзите кои ги спроведовме на крајот на минатата година, кога околу 120 припадници на украинската армија беа обучувани на тренинг центарот Криволак, таа идеја како Министерство за одбрана ќе ја подржиме и ќе ги ставиме на располагање сопствените капацитети, врз основа на претходно направена проценка и со Министерството за здравство и другите институции кои треба да бидат вклучени во ова“, вели Петровска.

Славјанка Петровска

На прашање за Гласот на Америка дали македонските болници имаат капацитет за пациенти од друга држава, таа рече:

Имаат капацитет. За капацитетот на јавните здравствени установи ќе ни треба мислење од Министерство за здравство. Меѓутоа во рамките на Министерството за одбрана постојат капацитети кои можат соодветно да бидат ставени на располагање. Немаме се’ уште конкретен датум, но Министерството за одбрана и армијата се подготвени и брзо и веднаш да реагираат“, рече Петровска.

Француски претседател, Емануел Макрон

Коментирајќи ги најавите на претседателот на Франција, Емануел Макрон, кои ги пренесе францускиот весник „Индепендент“, дека Франција би можела да испрати војници во Украина доколку линијата на фронтот се придвижи кон Одеса или Киев, министерката за одбрана Петровска, рече дека не станува збор за испраќање на војници, туку дека тоа е иницијатива за воспоставување на мисија која повеќе ќе биде во поддршка на Украина.

„Таа иницијатива не се состои во испраќање на војници на украинско тло, туку повеќе за воспоставување на мисија која повеќе ќе биде во поддршка на Украина. Засега се’ уште таа е во фаза на разговори, не се донесени конечни одлуки во која форма и како ќе биде спроведена, меѓутоа Република Северна Македонија е подготвена и во иднина да ја подржува Украина во својата борба. Не е разговарано за испраќање на војници, вклучително и на последниот министерски состанок на министри за одбрана кој го имавме во февруари во Брисел, апсолутно не е разговарано за испраќање на војници, меѓутоа поддршка во друга форма - да“, додаде таа.