Северна Македонија доби нов јавен обвинител – Љупчо Коцевски

Your browser doesn’t support HTML5

Љупчо Коцевски е новиот јавен обвинител

Северна Македонија доби нов државен јавен обвинител. Тоа е 63 годишниот Љупчо Коцевски, кој со само еден глас повеќе од потребните 61 денеска беше именуван во Собранието.

ЈОВАН МИТРЕСКИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО)

„Констатирам дека гласаа 62 и дека Љупчо Коцевски е именуван за Јавен обвинител на С. Македонија“, констатираше претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Очигледното „тенко“ мнозинство за именување на првиот обвинител во земјава беше дополнето и со отсуство на опозицијата во моментот на гласање. Сепак, во текот на дискусијата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа јасни дека имаат заддршка за предлогот токму, за јавноста речиси непознатиот Коцевски, да биде Јавен обвинител. Не го проблематизраа неговото искуство, туку фактот дека е поддржан од владејачката коалиција СДСМ-ДУИ.

„Јавно прашувам дали коцевски од првиот ден ќе докаже дека ќе постапува согласно законите и андлежностите, или ќе ризикува да си ја уништи долгата кариера. За мене е сомнително со овие криминалци кафе да се испие, а камоли кариерно да се напредува. Имаме многу лошо искуство со нив, не само ние, туку и нивните поддржувачи и поранешни функционери“, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

„Се надевам дека Коцевски нема да биде како овој Ислам Абази, шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и организиран криминал и корупција кој, освен слика со Али Ахмети, не чувме ништо од него и ништо не сработи и е уште една промашена инвестиција и губење драгоцено време за Република Македонија“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Стефановски.

Дека Коцевски е анонимен за јавноста зборува и фактот дека од него тешко може да се најде фотографија на интернет и покрај тоа што речиси 30 години активно се занимава со право.

Во биографијата навел дека од 1995 до 2008 бил адвокат и дека таа година влегува во државните правосудни институции – до 2022 бил обвинител во гостиварското вишо обвинителство што претпоставува дека немал посериозен контакт со големи предмети за организиран криминал и корупција што е еден од главните проблеми во државава.

Пред точно две години Коцевски се сели од гостиварското во Јавното обвинителство на Северна Македонија, од каде од денеска е унапреден во врвната обвинителска позиција во земјата, со мандат од 6 години.

Тој го наследува Љубомир Јовески кој многу не се прослави како јавен Обвинител. Коцевски ја презема функцијата во многу тежок период за обвинителството обременето со неефикасност, бројни случаи на застарувања на предмети, наводи за политички и бизнис влијанија.

Меѓудругото, обвинителството, заедно со судството, се наоѓа на дното на анкетите за доверба на граѓаните. Последнта анкета на ИРИ покажа дека само 1 процент од испитаниците имаат верба и во обвинителството и во судството.