Посетата на Хојт Ји, заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Македонија, покажа резултати, коментира Даниел Сервер, експерт за балкански прашања.
„Ми изгледа дека Хојт Ји правилно постапи при неговата посета, и оти има некои резултати. Јасно е дека Американците првенствено се заинтересирани за заштита на демократијата во Македонија, со цел Македонија еден ден да стане дел од НАТО и од ЕУ“, изјави Сервер за Гласот на Америка.
Тој додаде дека „на Москва не и` е грижа за Македонија, туку е заинтересирана да направи колку што е можно повеќе проблеми на Балканот, како и да го блокира патот кон Европската унија и кон НАТО“.
По средбите со политичките лидери на почеток на неделава, Хојт Ји истакна дека е дојден за да даде поддршка на новиот претседател на Собранието Талат Џафери, и повика на брзо формирање влада, што ќе работи на реформските приоритети и враќање на земјата на патот кон ЕУ и НАТО.