Горсач: Немам притисок од Белата куќа како ќе гласам доколку бидам потврден

Тој е номиниран од претседателот Трамп на позицијата врховен судија

Сенатскиот распит за потврда на номинацијата на Нил Горсач за врховен судија, ќе продолжи уште најмалку еден ден.

Пред Комисијата за судство, Горсач истакна дека ниту еден претставник на администрацијата на претседателот Трамп, не му има извршено притисок околу тоа како би гласал по горливите прашања со кои судот ќе расправа во иднина. Тој додаде дека нема потешкотии да носи одлуки за или против која било партија.

Горсач се соочи со тешки прашања од законодавците, особено демократите околу контроверзните ветувања на Трамп за време на кампањата. Меѓу нив се враќање на техниките на мачење за лицата осомничени за тероризам, забрана за влез на муслимани во САД, како и номинирањето на судии кои би ја отфрлиле одлуката на Врховниот суд од 1973-та позната како Ро наспроти Вејд, за правото на жената за абортус.

Горсач на неколкупати го повтори фундаменталниот концепт на САД за независно судство и одвојување на работата на трите гранки на владата, истовремено потенцирајќи ја својата конзервативна судска филозофија дека судиите постојат да ги применуваат законите изготвени од Конгресот, а не самостојно да носат одлуки.

По гласањето на Комисијата, по номинацијата ќе се гласа пред полн состав на Сенатот.