Американскиот сенатор Ранд Пол е заразен со коронавирус. Тој е првиот сенатор кој е тестиран позитивен на вирусот.
Сенаторот изјави дека нема симптоми, и оти не бил во контакт со лица за кои се знае дека се заразени, како и дека го направил тестот од претпазливост, поради бројните патувања и настани.
Сенаторот Мит Ромни најави дека ќе биде во карантин, поради блиските контакти со Пол изминативе денови. Тој рече дека иако нема симптоми, би го направил тестот за коронавирус.
И сенаторот Мајк Ли рече дека ќе биде во карантин поради контактите со Пол, но, оти не планира да се тестира.
Двајца конгресмени во Претставничкиот дом Марио Диас-Баларт и Бен Мекадамс, исто така, се заразени со коронавирус.
Центрите за контрола и превенција на болести во САД, изјавија дека се очекува да се зголемат капацитетите за тестирање.