Се засилува ли христијанскиот национализам во САД?

Your browser doesn’t support HTML5

Се засилува христијанскиот национализам во САД. Значителна група американски гласачи веруваат дека една религија треба да ги диктира законите на нацијата. Но, тој поим е прашање на поделба меѓу либералите и конзервативците, демократите и републиканците. Анализа на Каролин Пресути.

Два собира. Два различни погледа. Еден е „Митингот за демократија“, кој ги поддржува сите религии. Вториот, пак, е турнејата „Разбуди се Америка“ каде се слуша ова:
„Исус е мојот спасител; Доналд Трамп е мојот претседател“.

Сега од својата трета година, турнејата го поддржува христијанскиот национализам, идејата дека САД се христијанска земја и треба да имаат закони што ќе го одразуваат тоа.

„Со задоволство ќе бидам христијански националист. Што можете да кажете против христијанството? Тие зборуваат „Јас го следам Богот на љубовта, го следам мојот живот по Исус и ја сакам мојата земја.“ МАГА: Направете ја Америка повторно голема. Што има лошо во тоа?“, вели Дајан Болингер, учесничка на собирот.

И, Доналд Трамп вели дека нема ништо лошо во тоа.

„Ние заедно сме воини во праведната крстоносна војна да ги запреме пироманите, атеистите, глобалистите и марксистите, а тоа се тие. Ние ќе ја вратиме републиката како една нација, под Бога, со слобода и правда за сите“, рече Трамп.

„Нашата земја е изградена на христијански и еврејски вредности и принципи. Така пишува во Уставот“, вели Пети Кисинџер, учесничка на собирот.

Американскиот Устав не го спомнува христијанството. Наместо тоа, дава слобода на вероисповед. Декларацијата за независност вели дека правата ги обезбедува креаторот и го спомнува „Богот на природата“.

Сепак, членовите на „Разбуди се Америка“ се колнат дека ќе проповедаат гласање за побожни кандидати.

Демократите велат дека тоа е кршење на уставната поделба меѓу црквата и државата.

„Тие навистина треба да погледнат и да разговараат со нивните собранија за тоа што значи да се има слобода и правда за сите“, вели Мери Џо О’Рурк, демократка од Монтана.

Некои од собирот за демократија се согласуваат, а некои, пак, повикуваат на дебата за учењата на Исус.

„Што рече тој? Што направи тој? Затоа што овој вид на порака што сака да ги нападне имигрантите и да предизвика најголемо страдање на сиромашните и ранливите е буквално движење што е против Христос“, посочува свештеник Џим Волис од Универзитетот „Џорџтаун“.

Додадете ја на тоа дебатата за абортусот...

„Ајде сите да се согласиме дека не мора да се напушти својата вера или длабоко вкоренетата увереност за да се согласите дека владата не треба да ви кажува што да правите“, истакна Камала Харис, демократска кандидатка за претседател на САД.

Истражувањето на Пју центарот покажа дека речиси половина од сите Американци мислат дека Библијата треба да има влијание врз законите на САД. Но, истата анкета покажа дека малкумина мислат дека христијанството треба да се именува како официјална религија на нацијата.