Се намалува бројот на новородени украински деца

Your browser doesn’t support HTML5

Украинското население се намалува во последните 30 години. Официјални лица велат дека падот се забрза како резултат на војната со Русија. Од Киев известува Ана Черникова.

Нина Мариненко и Артем Мариненко, двајцата во доцните 20-ти години, живеат во Киев со своите две кучиња. Тие се венчале во ноември 2022 година, девет месеци по целосната инвазија на Русија.

Двојката сонува да станат родители, но велат дека неизвесноста и ризиците кои ги носи војната ги тера да се плашат да имаат бебе.

„Војната ме тера да размислувам поинаку. Мислите ми се фокусираат на тоа како ја замислував бременоста – во мирно време, и како би се одвивала за време на војна. Тоа е нешто што многу ме кочи“, вели Нина и додава дека е загрижена за безбедноста, но и за условите за живот во Украина.

„Веќе сум во таа фаза од мојот живот кога сум максимално подготвена да имам дете, а војната е еден важен фактор што го спречува тоа“, посочува Нина.

Украинската влада вели дека стапката на наталитет во земјата се намалила за 30 отсто за време на војната, од 130 илјади бебиња родени во 2021 година на 86 илјади во истиот период од почетокот на 2023 година до почетокот на 2024 година.

Годинава, вели, тоа се само 35 милиони.

„Прогнозата за демографската состојба на нашиот институт е прилично песимистичка. Можеби за 15 години ќе нè има 10 милиони помалку. Развиваме различни прогнози, врз основа на различни сценарија“, вели Олександер Хладун од Институтот за демографски и социјални студии во Украина.

Хладун вели дека владата на Украина треба итно да го реши проблемот. Како главен проблем тој ја наведува економската неизвесност.

За да се справи со проблемот, украинската влада годинава одобри Стратегија за демографски развој, план за зајакнување на економските и социјалните услови. Таа има за цел да ја зголеми стапката на наталитет, да ја намали смртноста на доенчињата и да го промовира враќањето на Украинците кои избегаа во други земји за време на војната.

Тетиана Наритник, акушерка во една од водечките породилишта во Киев, вели дека многу од нејзините пациенти сега се внатрешно раселени лица.

„Овие жени имаат одредени компликации за време на нивната бременост поради стрес. Исто така, многу жени немаа можност да посетат клиника, да посетат лекар и да направат одредени прегледи и консултации“, вели Наритник.

Анастасија неодамна ја роди Оливија. Со нејзиниот сопруг и постариот син, Анастасија, која одби да го даде целото име, избега од руската окупација на Северодонецк во регионот Луганск во март 2022 година. Второ дете беше долгогодишен сон за семејството. Анастасија одбра да не чека.

„Во еден момент војната ќе заврши, а децата се среќа. Си реков зошто да не... Кога, ако не сега?“, категорична е Анастасија.

Нина и Артем не ја делат самодовербата и оптимизмот на Анастасија и нејзиниот сопруг.

„Во денешно време само глупавите или очајните луѓе прават деца. Па, можеби [еден ден] и ние ќе паднеме во една од овие категории“, вели Артен.

Многу млади парови како Нина и Артем се на крстопат, прашувајќи се дали сега треба да го основаат своето семејство, да чекаат подобри времиња или да не го прават тоа.