Случувањата на Блискиот Исток, нема да ја одминат ниту Европа, но и Северна Македонија, ако се знае дека земјата во голем дел е и увозно зависна од струја. Она што сега се случува меѓу Израел и Иран и тоа како ќе влијае на цената на енергенсите предупредуваат експертите, ако состојбата не се стабилизира.
По нападот на Иран на Израел, веднаш дојде до зголемување на цените на нафтата. Светските медиуми пренесуваат дека суровата нафта веќе се зголеми за 4, односно 5 посто.
Your browser doesn’t support HTML5
„Кога некаде врие мора да се подигне притисокот, а во овој случај тој притисок ќе се покаже со цената на енергенсите. Веднаш се очекува да порасне цената на течните горива на берзата, да надмине над 73 долари од барел и кој ќе биде во добивка, тој што ги има и ги продава“, вели Константин Димитров, експерт по енергетика.
Сите тие немири веќе се одразија на цената на електричната енергија во секторот на Источна и Југоисточна ЕвропаКонстантин Димитров, експерт по енергетика
И досегашните немири се одразија на цената на струјата. Но никој засега не сака да коментира дали може да се случи најлошото, односно повторно да дојде до енергетска криза.
„Сите тие немири веќе се одразија на цената на електричната енергија во секторот на Источна и Југоисточна Европа, затоа нејзијата цена на берзата е значително поголема од цената во западниот дел на Европа, заради испорака на поголеми количини на електрична енергија во Украина“, додава Димитров.
„Ние не сме изолирани. Ние како електро- систем сме поврзани на европскиот енергетски систем и се она што ќе се случува на ниво на Европа очекувам да се случува и кај нас иако кај нас како помала земја можеби тие ефекти ќе бидат помали“, вели Вангел Фуштиќ, член на Здружението на енергетичарите на Македонија.
Фуштиќ вели дека земјата ќе мора да биде подготвена за секое едно сценарио.
„Тоа значи дека ќе мора да бидеме подготвени, да се соочиме со реалноста и да видиме како стратешки можеме да одговориме на овие предизвици кои не чекаат. Да се направи една анализа каде сме и што сме во моментот со енергетските ресурси, да се подготвиме најдобро, а не да чекаме, кога ќе се случи нешто тогаш да реагираме. Ни престои и зимски период, каде може да очекуваме други проблеми во однос на недостиг на енергија“, вели Фуштиќ.
Македонските власти уверуваат дека ја следат состојбата на терен.
„Пратиме секој ден редовно. Мислам дека овој регион нема да биде толку, односно овие случувања врз регионот нема да имаат толкав импакт. Ние немаме голем увоз на гас, и од таа страна не би требало Македонија да биде погодена од таа страна“, вели Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
Божиновска вели дека веќе се прави план за набавка на јаглен, за потребите на термоелектраните, но и за вкупните количества на електрична енергија, кои што и се потребни на државата до крајот на оваа и наредната година. Сепак дел од потребите ќе мора да се надополнат од увоз.