Социјалдемократите го прифаќаат предизвикот на премиерот за можноста за предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозицијата, денеска од Собранието, порача дека СДСМ и коалицијата се подготвени за какви било избори веќе од денеска.
„Тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само 5 месеци по формирањето на владата е доказ дека на владата не ѝ оди. Наша теренска анкета покажува дека 65 проценти не се задоволни од политиките на владата. Ова кокетирање со ДУИ е порака пред се за Вреди кои очигледно имаат маргиналазирана улога. Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Your browser doesn’t support HTML5
Денешниот настап на Филипче е одговор на повикот на Христијан Мицкоски за проверка на довербата кај граѓаните - опција која самиот премиер ја наговести на минатонеделната собраниска седница на која одговараше на пратенички прашања.
Да одиме да се провериме – еве заедно со локалните да направиме едни парламентарни избори, па да одимеХристијан Мицкоски, премиер на РСМ
„Да одиме да се провериме – еве заедно со локалните да направиме едни парламентарни избори, па да одиме. Ако сакате, ајде сега да се договориме“, рече Мицкоски од собраниската говорница на крајот од октомври.
Одговор стигна и опозицијата во албанскиот политички блок.
„Ние сме подготвени, како што побаравте од говорницата на Собранието, граѓаните да го кажат својот збор за сите овие прашања и да утврдат по една и пол година од вашата влада за кој пат се!“, напиша на Фејсбук лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Мнозинството во парламентот демантира дека има несогласувања меѓу коалициските партнери кои би влијаеле на стабилноста на власта. Го повикаа Филипче да иницира распуштање на парлманетот.
„Односите во владејачката коалиција се многу квалитетни и тоа може да се види по политики кои се создаваат. А ако Филипе е сигурен во тоа што го збори, тој има пратеничка група од 18 пратеници, па нека поднесат барање за распуштање на парламентот, па тоа што го тврди да го провериме на избори“, вели Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Уставот, за тоа да се случи, потребно е „за“ да се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници, бројка која сега е на страна на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-Вреди-ЗНАМ. Редовниот термин за парламентарни избори е за 4 години отсега, во 2028. Овогодишните парламентарни избори беа првите редовни од 2006 година.